Постојат повеќе од 400 видови на јагоди. Дивите јагоди се едни од најпознатите видови јагоди во светот. Секоја од овие јагоди има своја лековита моќ, но народната медицина претпочита диви јагоди за медицински цели.
Иако плодовите на обичната дива јагода се многу помали од домашните јагоди, треба да знаете дека сепак содржат многу поголема концентрација на хранливи материи и лековити супстанции. Поради својот прекрасен изглед, мирис и вкус, дивата јагода е една од најпопуларните диви растенија.
Ова овошје е богато со витамин Ц – една грст диви јагоди ги задоволува дневните потреби на организмот од овој витамин. Покрај тоа, содржи витамини од групата Б, витамин Е, каротин, флавоноиди, железо, калциум, калиум, фосфор, манган, танин, тритерпен и пентоза.
Само присуството на манган во дивите јагоди има корисен ефект врз целокупниот метаболизам, нервниот систем , кр-вните садови и коскената маса. Дивите јагоди содржат и елагинска киселина, која спречува преминување на здравите клетки во канцерогени.
Со цел подобро да се зачуваат хранливите материи и лековитите својства на јагодите, дивите јагоди треба да се мијат само кратко време, никогаш под силен млаз вода. Јагодите се мијат непосредно пред јадење.
Јагодата како лек се препорачува за третман на запек и заболувањето наречено „мрзливи црева“, за третман на ревматизам, црн дроб, анемија и нервоза. Дивите јагоди успешно ги елиминираат симптомите на пролетен замор, го прочистуваат организмот, ја хранат кожата на лицето и телото, а може да ги користат и дијабетичари. Единствениот недостаток на ова овошје е тоа што може да предизвика алергиска реакција кај чувствителни луѓе.
За пролетно чистење на организмот, како и против камен или песок во бубрезите и жолчното ќесе, пожелно е да се јадат 1 килограм диви јагоди секој ден во период од 30 – 45 дена. Уште подобро е ако се пасираат и се мешаат со јогурт или сок од лимон. Во текот на зимата, сокот од дива јагода исто така помага да се ослободите од настинките и грипот.
Чајот приготвен од лист од дива јагода ја прочистува кр-вта, црниот дроб, бубрезите и го смирува нервниот систем. За нега на лицето, се подготвува маска од диви јагоди со стискање на десетина плодови од оваа јагода и мешање со малку млеко.
Се премачкува на лицето и се остава маската да делува 2 – 3 часа или уште подобро во текот на целата ноќ, а утрото се мие со млака вода. Оваа маска го чисти и освежува лицето, и дава на кожата убав тен и текстура. Дивите јагоди ја подобруваат циркулацијата, па затоа можат да бидат добар сојузник во борбата против целулитот.
Листот на дивата јагода поради содржината на флавониди ја подобрува циркулацијата и има силен ефект врз мочните патишта. Го зголемува мокрењето и помага при заболување на бубрезите, мочниот меур и при воспалена простата. Танините кои ги има во листот имаат силен изразен ефект при стомачни заболувања, ефикасни се за лекување на дијареа како и воспаление на тенкото и дебелото црево.
Флавонидите го смируваат и воспалението. Надворешно листовите можат да се користат во форма на облози за лекување на модринки или по убод од инсекти. Листот го намалува отокот, болката престанува и доаѓа до брзо заздравување.
Плодовите од дива јагода се здрава храна, богата со природни материи и затоа се користат во домаќинствата за подготовка на слатко, мармалади, компоти, сокови кои покрај хранливата функција поволно влијаат на функцијата на црниот дроб, ја спречуваат артериосклерозата, го намалуваат кр-вниот притисок и ги подобруваат резултатите од кр-вната слика.
Рецепти со шумски јагоди
Сок од дива јагода
Потребни состојки: 3 кг јагоди, 3 кг шеќер (или помалку по вкус), 2 кесички лимонтус или сок од лимон, 4,5 литри вода.
Подготовка: Изгмечете ги јагодите и истурете 1,5 литри вода, додадете го лимонтусот и оставете течноста да отстои преку ноќ. Следното утро процедете низ газа и додадете го шеќерот и остатокот од водата во големо тенџере. Ставете го тенџерето на оган и оставете го да зоврие, а потоа прелијте го во претходно стерилизирани шишиња на 180 степени. Завиткајте ги шишињата во ќебиња и оставете да отстојат еден ден на суво и темно место.
Џем од дива јагода
Потребни состојки: 1 кг јагоди, 60 мл цеден сок од лимон, 3 лажички рендана кора од лимон, 70 г мед.
Подготовка: Исечкајте на поситни делови претходно исчистените јагоди или изгмечете ги, па ставете ги во подлабок сад. Додадете ги другите состојки: ренданата кора од лимон, сокот од лимон и медот. Добро промешајте и ставете да се готви на средна температура со постојано мешање.
Кога смесата ќе стане доволно густа, односно кога ќе се појават меурчиња, по приближно 35 – 45 минути готвење, џемот е подготвен за консумирање откоа ќе се излади. Чувајте го џемот во фрижидер, а потребно е да го изедете во наредните две недели. Медот е природен конзерванс, затоа не грижете се бидејќи џемот не е подложен на расипување, само потребно е да се чува на ладно место.
Слатко од диви јагоди
Потребни состојки: 500 г диви јагоди, 1 кг шеќер, 200 мл вода.
Подготовка: Направете шербет или густ сируп од килограм шеќер со чаша вода (околу 200 мл), додадете ги јагодите и варете максимум седум минути, всушност околу пет до шест минути. Ова е многу важно затоа што дивите јагоди имаат многу пектин и доколку се преварени стануваат тврди. Додадете малку сок од лимон. Отстранете ја пената од површината и поклопете го тенџерето со влажна крпа. Прелијте го слаткото во тегли наредниот ден.
Сладолед од дива јагода
Потребни состојки: 200 г јагоди, 200 мл густ јогурт, 100 г шеќер во прав.
Подготовка: Измијте ги малку јагодите и ставете ги во блендер. Додадете го јогуртот и шеќерот во прав и измешајте ги сите состојки. Доколку смесата е премногу густа може да додадете малку вода и повторно промешајте. Смесата ставете ја во плиток сад и замрзнете ја. Оставете да отстои некое време пред да го послужите, а потоа извадете ги топки сладолед со лажица послужете. Текстот за НМД.мк го напиша Мартина Христовска.