Направете потполно здрав диетален колач кој е многу вкусен. Се прави без брашно и шеќер, па може да го јадат луѓе кои внимаваат на исхраната и внесувањето на шеќер. Со чоколадна текстура направена од едноставни состојки, oвие коцки ќе им се допаднат на сите.




Постои слична верзија на подготовка на овој колач со употреба на микробранова печка. Во тој случај состојките се ставаат во помали количини, односно за едно лице и колачот се готви околу 5 минути. Еве кои состојки ви се потребни да го направите колачот.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 300 г крем сирење (Президент, Филаделфија, Абц…), 1 јајце, засладувач по ваш избор (1 лажица), 1,5 лажици какао, 1/2 лажица пченкарен скроб, малку рендана кора од лимон, малку ванилин екстракт.




ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад ставете го свежото сирење. Може да користите Абц, Филаделфија, Президент или некое друго крем сирење. Најдобро е крем сирењето да биде отстојано на собна температура околу половина час, пред да започнете со подготовка на колачот.




Истото направете го и со јајцето, кое треба да биде на собна температура. Додајте го јајцето, засладувачот (кој треба да биде природен или наменет за дијабетичари), какаото, пченкарниот скроб, малку ситно рендана кора од лимон и неколку капки екстракт од ванила.




Започнете постепено да ја мешате смесата, нежно со лажица, па преминете на соединување на состојките со рачен блендер. Ако немате ваков, можете да ги изблендирате состојките и во обичен блендер кој треба да се вклучи на најмала брзина и тоа само неколку минути, за да не дојде до загревање на смесата.




Смесата треба да изгледа полугуста, нешто слично како крем за премачкување на колачите. Кога ќе ја добиете оваа конзистентност, префрлете ја смесата во плех обложен со хартија за печење и подеднакво распоредете ја низ плехот.




Колачот се пече во претходно загреана рерна на 180C, околу 30-35 минути. Готовиот колач изладете го и исечете го на коцки со големина по ваша желба. Декорирајте го одозгора со глазура од растопено чоколадо и врз секоја коцка може да ставите по една малина, која совршено одговара со чоколадниот вкус на колачот.




Ако сакате да направите поголема количина, тогаш удвојте ги состојките за тесто. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.