Ако имате јајца и млеко направете ја оваа смеса од која се пече кора, највкусното нешто што сум го пробала досега. Откако ќе се олади, кората може да се филува со солен намаз или сладок намаз и овошје, па да се ролува во ролат. Одлично е за појадок, како закуска или како десерт.




Практичен и економичен појадок или вечера кој се прави од една „џиновска“ палачинка. Толку е вкусно што јас го правев двапати за појадок и еднаш за вечера. Во овој рецепт се користи фил кој се прави од сирење/кашкавал, а претходно на нашиот сајт беше објавена слатката верзија на овој ролат, чиј рецепт можете да го прочитате ОВДЕ.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за тесто): 4 јајца, 400 мл млеко (или 2 чаши), 180 г брашно (1,5 чаша), прстофат сол, 1 голема лажица растопен путер (или масло). ЗА ФИЛ: 100 г крем сирење.




ПОСТАПКА: во подлабок сад пенасто изматете четири јајца со малку сол (прстофат) со помош на виљушка или жица маталка. Потоа додајте го целото млеко. И јајцата и млекото треба да бидат на собна температура минимум 1 час.




Промешајте добро да се изедначи, па додајте го брашното. Изматете додека целосно да се соединат состојките и да добиете изедначена, мазна смеса без грутчиња (како густа смеса за палачинки).




Најпосле додајте го растопениот путер, промешајте додека смесата да стане со мазна конзистентност. Земете еден плех од рерна со стандардна големина, па обложете го со хартија за печење. Излејте ја смесата и ставете да се пече во добро загреана рерна на 180 степени, 20-25 минути, но можеби ќе треба и повеќе, во зависност од рерната.




Кога ќе се испече извадете ја од плехот со хартијата, превртете ја и отстранете ја хартијата. Оставете да се олади. За тоа време пригответе фил по ваш вкус, или едноставно премачкајте со крем сирење и свиткајте во ролат. Може да додавате шунка, ајвар, краставички, кашкавал или да направите блага верзија од пудинг, овошје…




Откако ќе го свиткате ролатот оставете го половина час да се стегне во фрижидер, а потоа одозгора декорирајте го по ваш вкус, а може едноставно да се нароси со ситно сечкан магдонос, доколку ролатотот го правите солен.




Препорака: следете го оригиналниот рецепт кој се прави со путер, наместо да користите масло. Поради различната конзистентност не се препорачува путерот да го замените со масло кога правите смеса за тесто, што може да резултира со различна текстура, односно тестото да биде повлажно и да не се подигне како што е вообичаено за овој рецепт. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.