26 годишна девојка која лежи во болница поради корона вирусот, раскажува како сè започнало, од првиот симптом и какво е однесувањето на младината во Америка.

Таа наведува дека многумина од нив не го сфаќаат сериозно вирусот, дека си мислат бидејќи се млади се отпорни, а покрај тоа, “милениумците” како што таа ги нарекува, немаат здравствено осигурување бидејќи им е скапо.

Таа во својата колумна објавена во Њујорк Тајмс апелира на самоизолација.

“Имам 26 години. Немам претходни автоимуни и респираторни болести. Тренирам 6 пати седмично, не пушам. Мислев дека мојата улога во актуелната здравствена криза е да бидам сојузник на старите и болни лица. Сега сум во болница поради Ковид-19.

Во петокот на 13.март, само неколку часови откако одлучив да практицирам социјална дистанца поради здравјето на другите, добив грозница и главоболка.

Не помислив на најлошото, но за секој случај, партнерот и јас спиевме во одделни соби. До утрото почнав да кашлам. Во неделата бев подобро и грозницата ми помина.

Бев среќна мислејќи – па, иако е коронавирус, ќе останам дома, бидејќи слушнав дека луѓето како мене немаат потреба да се грижат. Ја планирав работата за следниот ден, се туширав.

Во средината на ноќта се разбудив во грозница, почнав да повраќам, не можев да дишам. До понеделникот не можев да изговорам неколку зборови без да се борам за здив.

Не можев да одам ниту до бања без да дишам како да сум истрчала километар. Во понеделникот навечер, се обидов да јадам, но не можев да дишам и да јадам.

Секоја задача ми беше напорна – ресетирање на пасвордот за да можам да зборувам со докторот – не можев да дишам.

Има многу причини зошто не сакав да одам во болница. Кога повикав 311 за да прашам за тест, ми рекоа дека лицата со симптоми на Ковид-19 мора да останат дома. Сум го слушнала овој совет и од некое друго место, па сакав да направм сè што е можно за да ги намалам шансите за ширење на вирусот.

Бев и свесна дека многу луѓе со загрозено здравје треба да бидат во болница. Конечно, ми беше страв – што ако ова не е Ковид – 19, па да го добијам кога ќе одам во болница.

Конечно, и покрај тоа што тешко дишев, дел од мене веруваше дека ќе бидам добро, бидејќи сум млада и здрава.

И додека мене ме шокираше развојот на симптомите, на крајот и хоспитализација, лекарите и сестрите не беа изненадени. Кога дојдов, дознав дека во собата до мене има 30-годишен маж, апсолутно здрав, освен што има корона вирус и не може да дише.

Ми река дека сè повеќе доаѓаат пациенти на моја возраст и навистина сум му благодарна на партнерот кој ја повика болницата кога дишењето ми се влоши, а докторот инсистираше да дојдеме.

Штом ми дадоа кислород, веднаш ми стана полесно. Бев среќна што дојдов во болница на почетокот од кризата, па ја добив потребната нега.

Постојат многу причини зошто младите во Америка треба да почнат сериозно да го сфаќаат Ковид-19. Како една од најголемите генерации во САД – ние милениумците можеме да имаме огромно влијание врз текот на оваа пандемија.

Бидејќи се претпоставува дека многумина заразени милениумци нема да покажат симптоми, нашето социјално дистанцирање е пресудно за здравјето на ранливите граѓани и може да има големо влијание врз “исправување на кривата на графиконот”.

За жал, добар дел од нашата генерација – дури некои и помлади од нас – не ја сфаќаат сериозно оваа јавноздравствена криза. Продолжуваме да се собираме во групи, патуваме во странство и карантинот го доживуваме како продолжување на пролетните празници.

Како генерација со претпоставена посветеност за социјална правда, би требало да ја засилиме својата улога на сојузник на ранливата популација. Па сепак, пораката да останеме дома сè уште не допира до нашата генерација.

Милениумци! Ако не можете да бидете добри сојузници, барем останете дома за да се заштитите. Нашата ранливост на оваа болест е мит – тоа го доживеав од прва рака.

Земјите во Европа и Азија известуваат за сè помлади пациенти. Њујорк Тајмс оваа седмица објави дека речиси 40% од хоспитализираните со Ковид-19 во САД се помлади од 54 години.

Што е најлошо, кога медицинските работници ќе бидат присилени да одлучуваат за тоа кој да живее, а кој да умре, нашата генерација ќе биде таа која ќе биде избрана да живее.

Значи, не само што го ризикуваме сопственото здравје, туку и нашата присутност во болниците ја намалува можноста за нега на другите групи кои би можеле да ја добијат.

Исто така ние сме генерација која не купуваме здравствено осигурување бидејќи ни е скапо, а многумина од нас – вклучително и мене – работиме нешто од кое немаме никаква корист.

Често живееме во преполни станови со цимери, што значи дека нашата способност за ублажување на ризикот е помала, па мора да се потпреме и да си веруваме едни на други.

Исто така, многу е веројатно дека ќе имаме контакт со родителите и на тој начин можеме да го шириме вирусот на нашите најдраги личности кои имаат најмалку шанси за преживување.

Колку што ми е познато, милениумците длабоко се грижат за добросостојбата и социјалната праведност. Би сакала некои поединци да не мора да се соочат со толкав терет на одговорност, но во недостиг на рани и соодветни акции од нашата влада, немаме друг избор.

Сега е време да апелираме. Има многу работи кои ги наследивме а не можеме да ги конролираме. Да се потрудиме да влијаеме таму каде што можеме со укажување на опасностите.

Фиона Лоуенштајн е писател, продуцент и учител по јога. Нејзината колумна беше објавена во Њујорк Тајмс.