Да се потсетиме на најубавата новогодишна приказна, прекрасното дело на Ханс Кристијан Андерсен. Приказна која не враќа во детството и не потсетува на значајните работи во животот; приказна со силна порака – да бидеме среќни и благодарни за она што го имаме и да бидеме свесни за многуте деца во светот кои немаат светла иднина. Да бидеме хумани и благородни…
Таа година зимата беше многу остра. Во текот на последната ноќ од старата година провејуваше снег. Иако беше мошне студено и темно, едно кутро девојче сè уште талкаше пo улиците. Беше боса и без капче на главата. Кога излезе од дома беше обуена во папучите на мајка си, кои беа преголеми за неа, па ги изгуби претрчувајќи ја улицата помеѓу две кочии. Едната папуча ја изгуби, a другата ја однесе едно момче, кое од папучата направи лулка за својата кукла.
Иако беше босо, девојчето продолжи да чекори по снегот.
Нозете и беа помодрени од студ. Во раката стискаше кибритчиња, а кибритчиња имаше и во искинатото фустанче. Цел божји ден никој не купи ниту едно кибритче, ниту пак некој и даде пари. Гладно и премрзнато, девојчето продолжи да оди.
Снегулките паѓаа пo нејзината долга руса коса, која во убави локни се спушташе по нејзиниот врат. Таа немаше време да размислува за убавината, ниту за студеното време, зашто прозорците беа осветлени, а мирисот на печена мисирка се ширеше во воздухот. Новогодишна ноќ беше во полн ек и на девојчето само тоа му беше на ум.
Седна и се стутка во еден агол, но залудно. He можеше да си ги стопли ножињата. Дома не смееше да си оди. Сè уште немаше продадено ниту едно кибритче, a во џебот немаше ни скршена пара. Нејзиниот татко ќе ја натепаше поради тоа, но и дома беше студено исто како надвор. Девојчето живееше во таванска соба, па и покрај тоа што најголемите дупки на покривот беа затнати co слама и co крпи, ветрот и понатаму фучеше и се провираше низ дупките, исто како да се на отворено.
Прстињата и беа вкочанети од студ. Можеби ќе може малку да ги стопли кога само би смеела да запали едно кибритче. Извади едно и го кресна од ѕидот. Ох, колку топол и сјаен бил пламенот! На девојчето му се пристори дека седи покрај голема железна печка во која огнот весело поигрува. Девојчето ги испружи и ножињата за да ги стопли и нив, но огнот изгасна. Печката исчезна, a измрзнатото девојче седеше само покрај студениот ѕид.
Запали уште едно кибритче. Сега и се стори како да седи под прекрасна божиќна елка, поголема и пораскошно накитена од сите што скришум ги имаше видено низ подотворените врати на богатите трговски куќи. Илјадници свеќи светеа од гранките, а малите шарени фигурки, кои порано ги гледаше во излозите, ја гледаа од елката. Девојчето ги испружи рацете кон нив, но кибритчето изгасна. Свеќите на елките и понатаму гореа, се посјајно, исто како ѕвездите на небото. Потоа една ѕвезда почна да паѓа оставајќи зад себе огнена трага.
– Некој умира – рече девојчето. Нејзината покојна баба, единствениот човек на светот што беше добар co неа, еднаш и кажа дека кога паѓа ѕвезда, некоја душа заминува при Бога.
Девојчето запали уште едно кибритче. Во пламенот јасно го виде лицето на нејзината стара баба, секогаш нежна и мила.
– Бабичке! – извика девојчето. – Земи ме co тебе! Знам дека ќе ме оставиш кога ќе догори кибритчето. Ќе исчезнеш како и онаа железна печка, вкусната печена мисирка и преубавата божиќна елка!
За да го задржи лицето на баба си пред себе, девојчето побрза да ги запали преостанатите кибритчиња. Кибритчињата гореа како сјајно сонце. Нејзината баба никогаш порано не била толку убава и толку висока. Го зеде девојчето во прегратка и заедно летнаа, восхитени и среќни, високо, се повисоко, далеку од студенилото, гладот и стравот, право кон Бога.
Девојчето го пронајдоа рано наутро, стуткано покрај ѕидот, co заруменети обравчиња и co насмевка на лицето. Умре од студ последната ноќ од старата година. Новогодишното сонце го озари малечкото тело на девојчето, кое седеше co догорените кибритчиња.
– Сакала да се стопли – зборуваа луѓето, но никој не знаеше какви убави нешта виде девојчето, ниту во каква радост таа и нејзината баба ја дочекаа Новата година.