Тодорова сабота е празник кој се празнува за време на Велигденскиот пост и е посветен на Светиот Теодор Тирон, односно се одбележува споменот на неговото појавување на епископот Евдоксиј, првата сабота од првата недела од Великиот пост.
Во некои краишта кај нас постои обичај за овој празник да се подготвува пченица, која инаку се подготвува за слава. Особено се придавала важност на погачата со лук, како и на варената пченка. Еве како се приготвува погачата за Тодорова сабота:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 400 г брашно (300 бело + 100 интегрално) + за поросување и месење, 50 мл маслиново масло + за премачкување, ½ лажичка шеќер, 20 г свеж квасец или 1 кесичка сув квасец, 200 мл вода (50 мл обична + 150 мл газирана).
ЗА ФИЛ: 3 главици кромид, 2-3 чешниња лук (или во прав), по желба, по потреба масло за динстање, 200 г сечкани ореви (150 г + 50 г), сол, црн пипер, црвен пипер, по вкус
ПОСТАПКА: На малку масло пропржете го сечканиот кромид, па додајте и сечкано лукче и посолете по вкус.
Готовиот кромид тргнете го настрана, додајте 150 г сечкани ореви, зачинете со црн и црвен пипер. Преостанатиот орев тргнете го настрана за подоцна. Во 50 мл млака вода растопете го квасецот и шеќерот, па оставете 10-тина минути да запени.
Во сад за мешање ставете брашно (ако најдете најубава комбинација е со интегрална спелта), посолете по вкус, додајте го маслото и активираниот квасец, па со постепено додавање на газирана вода замесете тесто.
Оставете да отстои околу 15-тина минути, а потоа премесете го и поделете го на три приближно еднакви делови.
Првиот дел од тестото развлечете го со оклагија, премачкајте ја целата површина со масло и наросете со половина од преостанатите сечкани ореви (25 г).
Развлечете го вториот дел од тестото, префрлете го преку првиот, па и него премачкајте го со масло и наросете со ореви.
Развлечете го и третиот дел, префрлете го преку вториот, соединете ги трите теста и формирајте валјак. Поделете го повторно на три делови.
Тркалезна тепсија (26 см или 28 см) намастете ја со масло и наросете со брашно. Со оклагија развлечете го првиот дел од тестото со величина на плехот, па внимателно пренесете го на дното и врз него распоредете половина од филот со кромид и ореви.
Прекријте со втора кора, па преку неа наредете го вториот дел од филот. На крај, сето прекријте го со третиот дел од тестото, спојте ги ивиците и одозгора погачата премачкајте ја со масло.
Печете во загреана рерна на 200 степени околу 45-50 степени. Испечената топла погача веднаш по вадењето повторно премачкајте ја со масло. Погачата малку нека излади, па сечете ја на убави парчиња и послужете.
Се јаде истиот ден кога ќе се направи, многу е вкусна, но за следниот ден веќе станува малку сува. Покрај погачата се варело пченка и пченица и сето се носело во црква на богослужба, а потоа се јадело за здравје и бериќет на домашните. (Рецепт на Гагахерц)