Фото и рецепт: Зорка Јанчева
Ова е стар рецепт за приготвување на едно многу вкусно јадење – прсти да излижеш! Рецептот ни го претстави нашата драга Зорка Јанчева.
Потребни состојки за ќофтиња:
300 г мешано мелено месо
1 главица кромид
сол и црн пипер по вкус
1 јајце
1 лажичка буковец
по потреба лебни трошки
За кромидарникот:
1 голема главица кромид
2 чешниња лук
2-3 суви пиперки
200-300 г печурки
1 лажичка брашно
½ лажичка црвен пипер
вода по потреба
зачини по вкус
Постапка:
Кромидот ситно се сечка или се меле, па се меша со меленото месо (може и претходно малку да се запржи). Му се додава јајцето и другите зачини, па се замесува со рака за да се соединат состојките.
Добиената смеса може веднаш да се формира во топчиња и да се пржи, но најдобро е да се остави во фрижидер да се излади и малку да се стегне, околу половина час.
Потоа со намастена дланки се прават ќофтињата и се запржуваат во умерено загреано масло, од двете страни додека да заруменат.
За кромидарникот: Се сечка кромидот на крупно и се запржува со печурките и сувите пиперки (искршени или исечени на крупно). Се додава лукчето за вкус и останатите состојки, се запржува со лажичка брашно, се запиперува, па се прелива со вода колку да се прекрие.
Кромидарникот се претура во земјена тава или огноотпорен сад, се додаваат претходно пржените ќофтиња и се запекува во рерна.
Фото и рецепт: Зорка Јанчева