Србија за многу краток период се соочи со невидени тpагедии, се изгyбија многу млади животи и сè уште се стравува за некои животи. Голем број тинејџери останаа без своите другари и другарки, а од сето она што се случи, сè уште луѓето не можат да се опорават. Испраќањето на настраданите е во тек, а бројни родители се двоумат дали своите деца да ги носат на погреби или не.
Дали децата треба да одат на погреби?
На оваа тема во емисијата „Ми данас“ на К1 телевизија разговараа Мања Грчиќ и Ивон Џафали со своите гости, свештеникот Борислав Петриќ и психологот Драгана Ивановиќ.
„Црквата има размислувано за ова прашање, но нема конкретен одговор. Секој во својот дом треба да ја земе предвид возраста на детето и дали децата се подготвени за тоа. Дали присуството на погребот може дополнително да ги повpеди или да ја продлабочи нивната тага? Како свештеник мислам дека нема долна граница што треба да ја поставиме, од четири, шест или десет години, но размислувајте за тоа лично и индивидуално, рече свештеникот Борислав Петриќ.
Тој не гледа проблем во тоа децата постепено да се подготвуваат на темата „смрт“ како составен дел од животот, напротив, смета дека тоа е должност на секој родител.
„Моите парохиски искуства се такви што децата често се многу позрели, поодговорни, понезависни, посериозни и на секој начин поспремни од возрасните да се занимаваат со вакви теми. Во мојот дом морав да одговарам на такви прашања и секој пат сум позитивно изненаден од тоа колку моите деца или нивните врсници се подготвени да зборуваат на тема „смрт“.
Не гледам проблем во подготвувањето на децата дека смртта е дел од животот, ние сме должни како родители, но и како црква постепено да ги подготвиме. Треба промислено да ги носиме на гробишта, опела, погреби… за да можат да се соочат и да дадат свој одговор на ваквите прашања.
Психологот Драгана Ивановиќ се согласува со констатацијата дека со децата треба да се разговара за смртта, но согласно нивната возраст.
– Треба да зборуваме со нив на таа тема, бидејќи смртта е дел од животот. Нема правила кои би требало да ги следиме. Понекогаш смртта на некој од блиските членови на семејството се крие од децата и на тој начин се прави грешка. Во пракса сум имала случаи кога на децата им кажувале дека некој од семејството е на пат, а не дека починал.
Децата потоа дознаваат за смртта на блиската личност не од нивните најблиски, туку од некои други луѓе, и доживуваат шoк и траума. Таа траума е уште поголема отколку ако веднаш им се кажело дека некој умрел. Тоа можат да бидат големи трауми кога станува збор за загуба.
Посебно нагласува дека на секое дете треба да му се пристапи поединечно.
– Сè е до проценката на родителите, како ќе разговараат со детето и на кој начин ќе го подготват. Важно е и каков став има родителот кон смртта, кон погребите, какви се неговите верувања. Колку и да се мали децата, тие сè забележуваат и воочуваат, па од нив не можете ништо да скриете. Мора да разговарате со нив на едноставен начин, бидејќи децата немаат формирано апстрактно мислење. Зборувајте едноставно, но секогаш искрено.
Од друга страна, Петриќ изрази став дека родителите не треба да молчат за вакви важни работи, бидејќи тоа создава несигурност и недоверба кај децата.
-Доколку родителите нешто премолчуваат, децата ќе мислат дека тоа е нешто опасно. Ќе си помислат: „Штом мама и тато не зборуваат за тоа, тоа е нешто страшно“. Исто така, не треба да се спречуваат детските солзи. Нека плачат ако се тажни. Љубовта е единствената мерка во црквата и во животот.
Ако чувството е дека децата треба да присуствуваат на погребот од љубов кон починатиот – тогаш тоа е добра одлука. И ние треба да бидеме повеќе како деца – безгрижни и радосни, рече свештеникот на телевизијата К1.
На крајот психологот Ивановиќ објасни како децата ја доживуваат смртта.
– Темата за смртта не може да се избегне, бидејќи детето ќе види животно што умрело, домашно милениче, ќе слушне на вести дека некој умрел. Кога се помали, на три-четири годишна возраст, мислат дека некој ќе се врати. Следното ниво, кога се малку постари, е да знаат дека смртта е конечна, но не ја сфаќаат лично, често мислејќи дека личноста станала ангел.
На околу десет години сфаќаат што е загуба и дека таа личност нема никогаш да се врати. Тоа се фази на развој и фази на расудување и размислување. Можете и треба да разговарате за сè со децата, но треба да го прилагодите начинот на кој го правите тоа, за да можат да ве разберат. Кажете ја вистината и бидете искрени – советува тој.