Постојат голем број рецепти кои можете да ги сретнете на интернет под името „Колач за 5 минути“, но по правило тоа се колачи кои се приготвуваат во десертна чаша или во шолја… А, ова е нешто друго, ова е вистинска торта!
Потребни состојки: 2 јајца, 12 лажици шеќер, 12 лажици млеко, 12 лажици масло, 2 лажици какао, 12 лажици брашно, малку цимет (по желба), 1 прашок за печиво. За прелив: 200 мл слатка павлака, 100 г млечно чоколадо, малку мелени ореви, малку млеко
Постапка: микробрановата печка треба да биде наместена на 800 W, кај повеќето модели тоа значи на максимална јачина. Подгответе огноотпорен калап од 22 см.
Јајцата со жица добро изматете ги (може и со миксер), по ред додајте ги останатите состојки, па смесата излејте ја во подготвениот огноотпорен сад. Микробрановата печка наместете ја на 5 минути.
Загрејте ја слатката павлака и во неа растопете го чоколадото. Кога тортата е готова/печена , почекајте неколку минути, а потоа буквално превртете ја на чинија и прелијте со растопено чоколадо. Украсете со мелени ореви.
Доколку немате микробранова печка со ваква можност за печење, подготвената смеса за тортата испечете ја во загреана рерна на 180 степени, околу 20-тина минути или прилагодете го печењето според вашата рерна. Прочитајте уште една верзија на овој колач:
ЧОКОЛАДЕН КОЛАЧ кој е готов за 6 минути – се топи во уста
чоколаден колач за 6 минути
Ако си мислевте дека за 6 минути не е возможно да се приготви било какво вкусно јадење или дури и торта или колач – тогаш сте се излажале. Сè е можно за шест минути!
Превкусен брз колач кој се пече во микробранова печка само 6 минути. Доколку немате таква можност, тогаш се пече во обична рерна на 180 степени околу половина час до 40 минути. Деталите околу постапката можете да ги погледнете во видеото под пишаниот рецепт.
Потребни состојки: 220 г брашно, 30 г какао, 10 г прашок за печиво, 130 г шеќер, 100 мл масло, 300 мл топла вода, калап 16х26 см. За глазура: 150 г чоколадо, 3-4 лажици масло +малку сечкани лешници/ ореви/кикирики по вкус
Постапка: Просејте ги брашното, какото и прашокот за печиво. Додајте 130 г шеќер и промешајте за да се изедначат сувите состојки. Во мешавината додајте 100 мл масло, 300 мл топла вода и уште еднаш промешајте со жица за да се изедначат состојките.
Ќе добиете мазна и сјајна чоколадна смеса. Во неметален сад со димензии 16х26 см претходно обложен со хартија за печење, излејте ја добиената смеса и рамномерно распоредете ја. Ставете да се испече во микробранова печка 3 минути.
Ако немате микробранова печка, тогаш печете во загреана рерна на 180 степени околу 35 минути. Кога ќе изминат 3 минути, извадете го колачот од микробрановата печка, но ќе забележите дека не е целосно готов, па вратете го на уште 3 минути.
Проверете со чепкалка кога е готов. Печениот колач оставете го 4-5 минути да излади, а потоа превртете го врз чинија за послужување и отстранете ја хартијата за печење.
Чоколадна глазура: 150 г чоколадо и 3-4 супени лажици масло растопете на тивок оган или во микробранова печка. Додадете малку сечкани ореви или лешници или кикирики по желба и промешајте. Прелијте го колачот одозгора, па оставете го во фрижидер да излади и да се стегне.