За овој колач можам да кажам дека е колачот од моите соништа. Вкусот му е божествен, се топи во уста и не можете да му одолеете на второто парче. Се приготвува од едноставни состојки, многу лесно и брзо, за неколку минути колачот е готов. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 литар слатка павлака (хопла), 300 г чоколадо за готвење, 200 г маргарин или путер, 400 г мелени кекси, малку маргарин за премачкување на калапот во кој ќе се пече, 3-4 лажици нутела за премачкување на колачот и малку ореви за наросување одозгора
ПОСТАПКА: Во едно нелепливо тенџере ставете еден литар слатка павлака (хопла) и додајте 300 г чоколадо искршено на коцки. Ставете го тенџерето на оган и загревајте на многу ниска температура со непрекинато мешање додека да се растопи чоколадото.
Внимавајте да не ви зоврие, бидејќи малку ќе го промени вкусот. Штом забележите дека започнува да испарува, исклучете го огнот. Во топлата чоколадна мешавина додајте 200 г маргарин или несолен путер исечен на коцки.
Мешајте додека и маргаринот да се растопи и инкорпорира во смесата. Потоа додајте 400 г мелени бисквити (плазма или кекси по ваш избор, може да бидат и посни бисквити доколку сте користеле посна павлака) и веднаш мешајте енергично за да се растопат во течната смеса.
Тенџерето со вкусната чоколадна смеса тргнете го настрана, па пригответе го калапот во кој ќе ја зилеете. Земете еден плех со димензии 20х30 см или тркалезен калап за торти со средна величина, па убаво намастете го со маргарин на дното и ѕидовите.
Излејте ја смесата во калапот, рамномерно распоредете и израмнете ја површината, па малку протресете го садот. Вака подготвено оставете го малку да се олади на собна температура, па покријте го со фолија или некој соодветен капак и оставете го фрижидер да се лади 4 часа.
За тоа време колачот целосно ќе стане цврст. Извадете го од фрижидер и одозгора премачкајте го со неколку лажици нутела (ако е во цврста состојба малку загрејте ја во микробранова или на пареа, за полесно да се мачка). Колачот исечете го на коцки, а врз секоја коцка ставете половинка јатка орев.