Еве еден многу брз колач, ама навистина е брз. Не треба да се пече, има само малку готвење и толку. Мислам дека ќе ви се допадне.

Потребни состојки: 

450 мл млеко,
100 г шеќер,
250 г путер или маргарин,
1 чоколадо за готвење (100 г),
2 ванилин шеќер,
450-500 г бисквити и
100-150 г ореви.
За декорација: шлаг и рендано чоколадо или само мелени ореви

Постапка: 

Во тенџере на тивок оган или на пареа, ставете ги да се растоат путерот, чоколадото, шеќерот, ванилата и млекото. Мешајте внимателно да не зоврие, потребно е само да се растопат и да се соединат.

Бисквитите искршете ги со рака и сипете ги во топлата смеса од млеко. промешајте и смесата распоредете ја во намастен калап или обложен со проѕирна фолија.

Оставете да се олади на собна температура, а потоа и во фрижидер, да се стегне. Декорирајте со изматен шлаг (според упатството или изматете слатка павлака). Одозгора изрендајте чоколадо или посипете мелени ореви.

Коментар на Силвана Василјевиќ: 

„Ова се прави и со ресана бисквити. Ресаните се сечат на половина. Во еден сад се загрева една коцка маргарин од 250 г, 300 мл млеко и едно 100-150 г чоколадо за готвење. Кога ќе се растопи и соедини се прелива врз ресаните.

Смесата се формира во облик каков што сакате. Може да се додадат и мелени ореви, но и не мора. Кога ќе се стегне колачот, одозгора се декорира со шлаг крем или чоколадна глазура од растопено чоколадо и малку масло за сјај.“