Значење на името е нејасно, според една теорија значи „светла“ и произлегува од зборот ἑλάνη што значи „факел“, а според друга произлегува од зборот σελήνη – месечина.
“Константин се смета за првиот христијански римски император. Преданието раскажува дека неговата мајка – царица Елена, оди на аџилак во местата каде што живеел Христос, изградила неколку манастири и го открива крстот на кој бил распнат Исус.”
За Константин и Елена:
Родители на Константин му беа царот Констанциј Флор и царицата Елена. Флор имаше уште деца и други жени, но од Елена го имаше само овој Константин.
Три големи борби имаше Константин кога се зацари: една против Максенциј, тиранин во Рим, друга против Скитите на Дунав и трета против Византинците.
Пред борбата со Максенциј, кога Константин имаше голема грижа и се сомневаше во својот успех, му се јави сред бел ден блескав крст на небото, сиот закитен со ѕвезди, а на крстот стоеше напишано: „Со ова победувај!“
Восхитен царот нареди да му исковаат голем крст, сличен на тој што му се јави и да го носат пред војската. Со силата на Крстот тој стекна славна победа над бројно надмоќниот непријател.
Максенциј се удави во реката Тибар. Веднаш потоа Константин го издаде прочуениот Едикт, во Милано, 313 година, за престанок на гонењата на христијаните.
Откако ги победи Византинците, тој изгради прекрасна престолнина на Босфор, којашто оттогаш се нарече Константинопол. Но пред ова Константин западна во тешка проказна болест (лепра).
Жреците и лекарите го советуваа да се бања во крв од заклани деца, но тој тоа го одби. Тогаш му се јавија Светите апостоли Петар и Павле и му рекоа да го побара епископот Силвестер, којшто ќе го излечи од страшната болест.
Епископот го поучи во христијанската вера и го крсти и проказата исчезна од телото на царот. Кога во Црквата настана раздор заради смутливиот еретик Ариј, царот го свика Првиот Вселенски Собор во Никеја, во 325 година.
Овде се осуди ереста, а се утврди Православието. Благочестивата мајка на царот, Света Елена, ревнуваше усрдно за верата Христова. Таа го посети Ерусалим и го пронајде Чесниот Крст Господов и на Голгота ја изгради црквата на Воскресението и уште многу други цркви по Светата Земја.
Во својата осумдесетта година оваа света жена се престави кај Господ, во 327 година. А царот Константин ја надживеа мајка му за десет години и се упокои во својата шеесет и петта година, во 337 година, во градот Никомидија. Неговото тело беше погребано во црквата на Светите апостоли во Цариград.
Во нивна чест во центарот на Скопје бил изграден храм во периодот пред и по Првата светска војна, осветен во 1926 година. Меѓутоа, поради земјотресот во 1963 година црквата имала оштетувања кои не биле до толку сериозни за да биде срушена, но на почетокот на 1970-тите години храмот бил миниран за да се изгради Градскиот трговски центар.
Првобитно, возобновувањето на храмот требало да се направи на неколку метри од старите темели, односно на самиот плоштад „Македонија“ во Скопје. Но, после бурните реакции и несогласувања на муслиманите и атеистите, локацијата била преместена непосредно до Домот на АРМ, недалеку од автентичното место на скопскиот плоштад.
Осветувањето на темелите било извршено на 11 ноември 2012 година од поглаварот на МПЦ г.г. Стефан.
На најголемата камбана стои натписот: „Во слава на пресветата и единосушна тројца, отецот и синот и светиот дух и во чест на светите рамноапостолни цар Константин и царица Елена, се излеа ова ѕвоно во летото на Христа 2014“, додека на второто по големина ѕвоно стои натписот: „Боже чувај ја татковината наша света македонска и нашиот благоверен народ“.