Брзо се приготвуваат и одлични се за појадок или вечера, но јас често ги приготвувам и како закуска или предјадење, а гостите се секогаш воодушевени и ме прашуваат како сум ги направила. Колку и да направам количински, секогаш се изедуваат во рекордно време и ми бараат уште. Еве го рецептот:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ОСНОВА: 1 кг компир, 1 јајце, 1 лажица сол, 100 г кашкавал, 100 г шунка, 2 лажици млеко, 20 г путер или маргарин, листови (перциња )од млад кромид. За похување: 1 јајце, 2 лажици млеко, презла по потреба




ПОСТАПКА: Изрендајте ја или исечкајте ја ситно шунката, а потоа и кашкавал, како и зелените перциња од млад кромид. Може да додадете и магдонос наместо млад кромид, но ве уверувам дека кромитчето дава посебен вкус.




На страна во посебно тенџере сварете го компирот, а потоа излупете го и додека е топол испасирајте го додека да добиете пире. Додајте малку путер, сол, две лажици млеко и измешајте…кога ќе излади додајте јајце, сечканите шунка, кашкавал и кромитче.




Од добиената смеса правете топчиња со величина по ваша желба. За похување (панирање) изматете едно јајце со 2 лажици млеко, па топчињата валајте ги прво во јајцето, а потоа во презлата и пржете ги во умерено загреано масло.




Внимавајте да не ви е премногу врело маслото за да не изгорат одеднаш, а уште поубаво доколку имате фритеза, па само да ги спуштате. СОВЕТ: Најубаво е двапати да ги ставите во јајце и презла па уште еднаш во јајце, па презла… Ова е одлично брзо јадење а можете да го послужите и како мезе. Од компир можете да направите различни видови топчиња, а следниот рецепт е за посни и многу вкусни топчиња:




Посно предјадење: 3 вида топчиња од една смеса. Ова е одличен рецепт за посно и евтино предјадење

Посните топчиња од компир изгледаат многу ефектно, а превкусни се. Брзо и едноставно се приготвуваат и сите ги сакаат. За да ги приготвите овие вкусни топчиња ќе ви бидат потребни следните состојки:

1 кг компир, излупен и исечен на крупни коцки, 2-3 чешниња лук по вкус, 90-100 г посен мајонез (мала кесичка), 3 полни раце несолени печени и мелени кикирики (а може и готови пржени и лупени, но во тој случај ќе мора да внимавате на количината на солта).




Потоа ќе ви бидат потребни: 1 голем морков, толчена лута пиперка (средно лут буковец), сол, црн пипер, околу 3 лажици препечен сусам (половина за валкање). Постапка: Компирот убаво измијте го, излупете го и исечете го на крупни коцки.




Посолете го и ставете го во тенџере заедно со еден морков. Долејте вода за да бидат компирите покриени, па сварете ги. Кога ќе се сварат, морковот тргнете го на страна, а варените компири процедете ги и изгмечете ги како пире.




Лукчето исчистете го и испасирајте го (или многу ситно исечкајте го) и додадете го во пасираниот компир. Додајте и посен мајонез, посолете по вкус и запиперете. Промешајте за да се изедначи смесата. Ова е основата која треба да се подели на три дела.




Во првиот дел додајте ги мелените кикирики и промешајте да се изедначи. Во втората смеса додајте 1,5 лажица сусам и промешајте. Во третиот дел додајте рендан морков (кој претходно се вареше со компирот. Од смесата со сусам вадете топчиња и валкајте ги во сусам.

Од смесата со морков вадете топчиња и валкајте ги во толчена црвена пиперка. Од смесата со кикирики правете топчиња кои можете да ги валкате во мелени крекери или кикирики, а може да ги оставите како што се.

Варијантите навистина се големи и неисцрпни. Смесата е навистина одлична и може да се комбинира со најразлични состојки како на пример: ситно сечкан магдонос, шарена сол, мелени посни крекери, рендан морков и сл.