Брзо и едноставно, СУСАМ ТРИАГОЛНИЦИ за 30 минути, внатре се меки како памук, а однадвор крцкави. Рецепт на Готвиме Лесно. Супер печива кои се повкусни со секој залак. Интересна закуска за по дома, но многу домаќинки ги подготвуваат и за родендени и слави.
Тестото многу лесно се замесува и не се чека да стаса туку веднаш се развлекува, се сече и се става во рерна на печење. Навистина многу лесна подготовка која ќе ви одземе само 30-тина минути во кујната.
Потребни состојки: 150 мл масло, 150 мл пиво, 450-500 г брашно (3,5-4 чаши), 1 мала лажичка прашок за печиво (5 г), 1 полна лажичка сол (а може и по вкус за да не биде пресолено), 30-40 г пропржен сусам.
Постапка: Во поголема вангла ставете го маслото, пивото и 1 чаша брашно. Убаво промешајте и додајте го прашокот за печиво и 1 лажичка сол. Секако може да посолите и помалку доколку оваа количина ви е пресолено.
Потоа додајте уште 2 лажици брашно. Важно е брашното да го додавате постепено за да не се формираат грутки. Прво мешајте ги состојките со лажица додека да се формира нелепливо тесто, а потоа префрлете го на рамна набрашнета површина и уште малку размесете го.
Се меси сосем малку за да остане меко. Нема потреба тестото да го оставите да стаса бидејќи не се става квасец. Кога ќе го ставите на набрашнета површина, одозгора наросете уште малку брашно и развлечете го со оклагија.
Врз развлеченото тесто наросете претходно пропржен сусам околу 30-40 г и притиснете го го со рацете во тестото за да се залепи за него. Потоа тестото повторно се развлекува со оклагија, отприлика со големина 30×30.
На оклагијата може да ви останат парчиња сусам, но кога ќе завршите со развлекувањето, едноставно истресете ги повторно на тестото. Потоа тестото го сечете на триаголници, а тоа изгледа вака:
Прво сечете на средина по должина, па на средина по ширина. Потоа по должина уште еднаш од двете страни на средината, а исто и по ширина. Добивате повеќе теста во форма на коцки.
Потоа секоја коцка ја сечете дијагонално и добивате многу триаголници обложени со сусам. Триаголниците ги редите во обложен плех со хартија за печење и малку ги раздвојувате едни од други бидејќи тестото ќе порасне при печењето.
Печете во претходно загреана рерна на 200 степени, околу 20-25 минути, во зависност од јачината на рерната во која печете. Триаголниците треба да поруменат при печењето. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.