Брза торта со бисквити, маскарпоне и слатко од боровинки, без печење…Неодолив десерт за секаква пригода…
Замислете си десерт што ја спојува крцкавоста на бисквитите, кремообразната нежност на маскарпонето и слатко-киселата магија на боровинките, пишува НМД.

Оваа бисквитна торта е лесна за подготовка, не бара печење и е идеална и за семејни собири и за момент на лично уживање.
Со рецептот на Валентина Џамбазова ќе создадете вистинска наслада за непцето што ќе ги воодушеви сите! Еве што ви е потребно:
Потребни состојки:
– 450 г обични бисквити
– 300 мл течна (шлаг) павлака (за кремот) + 100 мл (за декорација)
– 750 г маскарпоне
– 400 г слатко од боровинки
– 5 лажици шеќер во прав – по вкус
– Ванилина есенција (по вкус) или ванилин шеќер
ПОСТАПКА:
Во длабок сад искршете ги бисквитите на мали парчиња – не ги дробете во прав, за да ја задржат текстурата во тортата.
Во друг сад изматете 300 мл течна павлака со шеќерот во прав и неколку капки ванилина есенција додека да добиете пенаст крем.
Додајте го маскарпонето и повторно изматете со миксер до мазна и еднолична смеса.
Во кремообразната смеса додајте ги искршените бисквити и внимателно измешајте со шпатула додека добро се соединат.
Земете подвижен калап за торта (22 см) со подлога. Започнете со ред од смесата со бисквити и крем, па распоредете тенок слој слатко од боровинки.
Повторете со уште еден ред бисквити и слатко, и завршете со последен слој бисквити. Измазнете ја површината.
Ставете ја тортата во фрижидер преку цела ноќ за да зацврсти и да се соединат вкусовите. Откако ќе ја извадите тортата од фрижидер, отстранете го калапот.
Изматете ги дополнителните 100 мл павлака до цврст шлаг и со него измазнете и израмнете ја површината и страните на тортата. Декорирајте одозгора со слатко од боровинки по ваш вкус.
Вратете ја тортата во фрижидер уште еден час за да се зацврсти декорацијата. Потоа исечете ја и послужете – време е за уживање!
Оваа торта е совршен спој на сладост и свежина, а најубавото е што не бара посебни вештини. Пробајте ја и споделете ја радоста со вашите најблиски!