Брза пита со зелје и готови кори, никого не го остава рамнодушен. Богата е со сочен фил од блитва, спанаќ или нешто друго зелено, многу е вкусна. Ова е омилената пита на мојот сопруг и затоа често ја правам. Дури, може да се каже дека е подобра отколку питите со домашно развлечени кори…
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ПЛЕХ 32Х22 СМ: 500 г готови кори за пита. За фил: 1 кг блитва или спанаќ, 200 г ситно сирење за пита, 2 јајца, 1 лажичка сол. За премачкување: 100 мл масло. Питата се пече околу 40 минути во загреана рерна на 180 степени.
ПОСТАПКА: Најпрво блитвата измијте ја убаво со ладна вода и оставете ја да се исцеди. Потоа ситно исечкајте ја. Додајте една лажичка сол и убаво истискајте ја сечканата блитва со рака. На тој начин таа ќе омекне (нема потреба од нејзино претходно подварување).
Потоа во блитвата додајте две јајца и 200 г ситно сирење за пита. Промешајте за да се соединат сите состојки (најдобро со рака или лажица). Подгответе го плехот (32х22 см) во кој ја печете питата и 100 мл масло со силиконска четка. Намастете го плехот.
Потоа земете три листови и секој лист поединечно премачкјате го со маслото, преку целата површина. Корите редете ги една врз друга. Откако ќе ја премачкате и третата кора, рамномерно распоредете фил, исто така, преку целата површина.
Потоа свиткајте ги корите (трите) во ролат. Вака подготвените ролати наредете ги во подготвениот плех. Од оваа количина излегуваат вкупно четири ролати. Затоа пред отпочнување на постапката, најдобро е да се пребројат сите кори, да се поделат, и соодветно да се подели и филот за секој ролат подеднакво.
Откако ќе се наредат сите ролати во плехот, исечете ги на парчиња со големина по ваш избор и одозгора премачкајте ги со масло. На крај, рамномерно преку целата пита прелијте 200 мл млеко.
Оставете неколку минути да се впие млекото додека рерната се загрева на 180 степени. Потоа ставете ја да се пече околу 40 минути или додека да добие убава златна боја. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.