Оваа пита е една од омилените кои ги правеше баба ми. Во различни краишта различно се нарекува, но тоа најмалку е важно. Ова е моето омилено јадење од детството, а најмногу од сè, крцкавите крајчиња на питата кои се најиспечени.




Основни состојки се компир и кромид, а кога ќе се испече се полева со пржен лук. Може да се приготви во посна верзија со газирана вода, или во мрсна верзија, со млеко. Рецептот за мрсната верзија можете да го прочитате веднаш под посната. Еве што е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 кг компир, 2 главици кромид, 150 мл масло, 200 г брашно, сол и црн мелен пипер по вкус, 100 мл газирана вода (не мора), околу 50 г маргарин (или путер за мрсна верзија), неколку чешниња лук (колку повеќе, подобро), малку маслиново масло




ПОСТАПКА: Излупете го компирот и изрендајте го, а потоа истото направете го и со кромидот (може и ситно да го исечкате). Додајте масло, брашно и зачинете со сол и црн пипер, а ако е премногу густо додајте газирана вода.




Плехот од рерна намастете го, па ставете го во рерна и вклучете да се загрева на 250 степени. Кога добро ќе се загрее внимателно извадете го од рерната и во него излејте ја приготвената смеса. На овој начин се постигнува нелеплив ефект и питата нема да се залепи за дното.




Израмнете и вратете во рерна да се пече околу 10 минути на 250 степени, а потоа околу 20 минути на 200 степени (или во зависност од вашата рерна). За тоа време на малку масло запржете ситно сечкан лук, па додајте 100 мл вода и 50 г маргарин/маслиново масло и оставете да зоврие.




После околу половина час, кога питата е испечена, извадете ја од рерна, исечете ја на коцки, залијте ја со преливот и вратете ја назад во рерна уште 10-тина минути. Ако не постите може да ја послужите со јогурт, кисело млеко, павлака, сирење, или само така да ја јадете, многу е вкусна. Еве го рецептот за мрсната верзија, малку е поинаков од посната:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г компир, 1 главица кромид, 5 супени лажици брашно, 200 мл млеко, 50 мл масло, 2 јајца, 2 чајни лажички сол, 1 чајна лажичка црн пипер во прав. ПОСТАПКА: Компирот излупете го и исечкајте го на коцкички. Кромидот исчистете го, па и него исечкајте го колку можете поситно.




Додајте ги сите останати состојки и добро промешајте. Смесата излејте ја во намастен плах со димензии 20х40 см. Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 250 степени околу 20 минути. Оставете малку да се подизлади, па потоа сечете ја на коцки. Послужете топло.