Многу фини ролнички од меко, кисело тесто како пена. Трипати ги правев во последниве три дена. Многу лесно и едноставно се приготвуваат од основни состојки, а се мерат со чаша од 250 мл. Запишете си го рецептот за брзи ролнички со сирење, еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 чаша млеко, 1 чаша вода, 1/2 чаша масло, 2 лажица шеќер, 10 г сув квасец (1 кесичка), 2 јајца на собна температура, 7 чаши меко брашно, 100 г путер или маргарин, 1 1/2 лажица сол. ФИЛ ПО ЖЕЛБА: солено или слатко, во овој рецепт 500 г ситно сирење и 200 г шунка.




ПОСТАПКА: Во длабок сад измешајте топло млеко и топла вода, масло на собна температура, шеќер, квасец, една жолчка и две белки. Жолчката што ќе ви остане сочувајте ја во некој помал сад и покријте со фолија за да не се суши, ќе се искористи подоцна за премачкување.




Сите состојки убаво изматете ги со лажица или шпатула додека да се растворат состојки и да нема грутчиња од квасецот. Потоа започнете малку по малку да го додавате брашното и мешајте со лажицата.




Додека брашното ја впие течноста и се згусне мешате со лажица, а потоа најдобро е да се изработи со рака, додека се додава по сосем малку брашно. Некаде пред крајот додајте ја и солта. Најпосле тестото треба да биде компактно, меко и малку лепливо за рака.




Додајте го путерот (на 2-3 наврати) претходно омекнат на собна температура, па продолжете со месење додека да се инкорпорира во тестото. Целото тесто ќе стане малку помасно, но повеќе нема да се лепи за рака.




Потоа наросете уште малку брашно и завршете го месењето. Оставете го во сад малку наросен со брашно, наросете малку и одозгора, покријте го со кујнска крпа и оставете го на топло место да стасува околу еден час додека да се удвои. Стасаното тесто истресете го на работна површина и премесете го.




Тестото е веќе помасно и нема потреба од брашно. Поделете го на 12 приближни еднакви делови (или на повеќе за помали), па од секој дел обликувајте топче.

Покријте ги со кеса и оставете ги да одморат 5-10 минути, додека го приготвувате филот. Потоа земајте топче по топче, па со рацете малку притискајте ги и развлечете ги во кора приближно 15х20 см.




Ставете лажица фил, па свиткајте како сарма, така што прво ќе ги затворите страните кон внатре, па потоа ќе ја сролате кифлата.

Наредете ги во плехот намастен со масло или обложен со хартија за печење. Покријте ги со кеса и крпа, па оставете ги 20-30 минути да стасаат. После вклучете ја рерната да се загрева на 200 степени.




Кога рерната ќе се згрее, пред да ги ставите на печење одозгора премачкјате ги со изматена жолчка и лажица млеко, па наросете семе. печете ги додека убаво да заруменат, околу 25 минути, во зависност од рерната.

Кога се печени веднаш премачкјате ги со путер или масло за уште поголема мекост. После 10-тина минути можете да ги послужите. Деталите погледнете ги во видеото ОВДЕ.