Ова е еден од најбрзите колачи што постојат. Состојките ,верувам, секое домаќинство ги има, а овошјето може да го менувате по желба. Може да ставате праски, кајсии, секое црвено овошје, било кое… да не ги набројувам сите.
Потребни состојки: 1 литар млеко, 3 пудинзи од ванила (секој од по 40 г), 10 лажици шеќер, 200 г путер или маргарин, 400 г бисквити, 400 г овошје по избор (во овој колач се јагоди) и шлаг или слатка павлака за украсување одозгора
Постапка: измешајте ги пудинзите и шеќерот со 200 мл ладно млеко. Остатокот од млекото ставете го на оган да зоврие, а потоа сварете го со разматениот пудинг. Мешајте постојано додека смесата да се згусне.
Сварениот пудинг тргнете го од оган и додајте го исечканиот путер, па мешајте додека да се растопи и целосно да се соедини со пудингот. Потоа додајте 300 г ситно искршени бисквити, измешајте, па потоа додајте го исечканоо овошје.
Убаво со лесни движења промешајте со лажица за да се распоредат состојките. Плех со средна величина обложете го со проѕирна фолија или кеса, па во него распоредете ја смесата. Израмнете.
Преку целата површина наредете ги преостанатите 100 г бисквити, претходно малку натопени во млеко. Притиснете полека со дланката за да се залепат. Колачот оставете го во фрижидер да се излади и убаво да се стегне (прво на собна температура, а потоа во фрижидер).
Откако ќе излади колачот превртете го врз тацна за послужување, а одозгора украсете со изматен шалг или слатка павлака. Сечете и послужете. Уживајте во вкусот. / Сооlinarika.com / Прочитајте го и следниот рецепт, можеби тој повеќе ќе ви се допадне:
15 МИНУТЕН КОЛАЧ СО ПРАСКИ Освежителен летен колач кој се топи во уста.
Потребни состојки: 300 г бисквити, 1 кг праски, излупени и без семки, 2 пудинг од ванила, 500 мл вода, 7 лажици шеќер, 250 мл слатка павлака за шлаг и 300 мл маскарпоне или некое друго слично, несолено свежо сирење
Постапка: Праските излупете ги и исчистете ги од семки (јас ги вагав вака исчистени да бидат 1 кг), па исечкајте ги на помали парчиња. Ставете ги во сад заедно со шеќерот и 400 мл вода. Оставете да проврие и со повремено мешање варете ги 5 минути.
Ако праските се веќе меки и ситно исечкани, можеби ќе биде потребно помалку од тие 5 минути за да се распаднат и да станат кашести. Во разварените праски додајте го пудингот разматен во преостанатите 100 мл вода и добро промешајте.
Варете 4-5 минути додека кремот да згусне. Во плех за печење намастен со путер, наредете на дното ред бисквити, па веднаш прелијте ги со половина од врелиот крем со праски, потоа преку кремот наредете втор ред бисквити и преку нив прелијте го остатокот од кремот.
По желба можете врз кремот да наредите и свежи парчиња праска или парчиња од компот. Израмнете и оставете колачот да излади. За тоа време изматете цврск шлаг. По потреба додајте неколку лажици шеќер во прав ако сметате дека шлагот не е доволно сладок.
Потоа додајте маскарпоне па сето убаво соединете во мазен крем. Со белиот крем премачкајте го изладениот колач, оставете заедно добро да излади неколку часа во фрижидер, па сечете на коцки со величина по желба.