Ова е брз и едноставен летен колач кој ве заблажува и ве освежува истовремено. Овојпат користев комбинација од киселаксто-слаткаст вкус, односно користев малини со кајсии, а верувам колачот ќе биде одличен и кога на ред ќе дојдат сочните праски.

Потребни состојки: 400 г петит бисквити, 1 литар млеко, 200 мл вода, 3-4 пудинг со вкус на слатка павлака (може ванила, кокос), 8 лажици шеќер или според вкус, 100 г путер/маргарин, 1 кисела павлака од 180 г и овошје било какво, во еден ред ставив околу 300 г малини, а во втор ред 4 кајсии.

Постапка: во подлабока тепсија со димензии 30х20 см наредете ги бисквитите. Од млекото одвојте 200 мл, а остатокот ставете го на оган, а додајте ја и водата. Внимавајте млекото да не ви загори.

Во одвоеното млеко додајте го пудингот и шеќерот, па убаво промешајте за да нема грутчиња. Кога млекото ќе проврие, додајте ја мешавината со пудингот и постојано мешајте додека да се згусне. Во сварениот пудинг додајте исечкан путер и мешајте додека да се растопи и соедини во смесата.

Тргнете од оган, па додајте ја киселата павлака. Половина од смесата (врело) со кутлача прелијте преку наредените бисквити, па наредете го насекаде приготвеното овошје (во мојот случај малини).

Преку овошјето наредете втор ред бисквити. Не е потребно да се натопуваат во млеко, зошто ќе омекнат од врелиот фил. Преку бисквитите излејте го рамномерно остатокот од пудингот, па ставете втор ред овошје (овојпат исечкани кајсии).

Може и врз бисквитите прво да се стави овошје па потоа фил, како ви е полесно. Добро изладете па ставете шлаг одозгора.

Domacirecepti.net