Ова е уште еден брз колач кој секогаш прв исчезнува од маса. За оние кои сакаат кремасти колачи и не сакаат многу тесто… Овој колач мора прво да преноќи и следниот ден е многу сочен…
Потребни состојки:
5 јајца
250 г шеќер
100 мл масло
100 мл врела вода
250 г брашно
1 ванилин шеќер
1 прашок за печиво
2 лажици какао
за фил:
2 пудинг од чоколадо
1 литар млеко
6 лажици шеќер
за прелив:
4 кисели павлаки од 180 г (20% м.м.) или милерам
5 лажици шеќер
4 ванилин шеќер
Постапка:
Изматете ги белките, шеќерот, жолчките и ванилин шеќерот. Потоа додадете масло и вода, па брашно и прашок за печиво.
Тепсија со величина приближно 25х35 см намастете ја и набрашнете ја. Треба да биде малку подлабока.
Во меѓувреме сварете го пудингот.
Половина од тестото истурете го во тепсијата, а во другата половина додадете какао и добро промешајте да добиете кафеава смеса.
Потоа со лажица или кутлача вадете од кафеавата смеса и ставајте врз жолтата смеса за да добиете шарена кора (како шах или слично).
Додека е топол пудингот на ист начин како кафеавата смеса и него ставете во тестото. Потоа ставете го колачот да се пече.
Додека тој се пече вие изматете ја киселата павлака со шеќерот и ванилата. Веднаш врз врелиот колач кога ќе се испече истурете ја изматената павлака и израмнете.
Прво оставете го да излади до собна температура, па ставете го во фрижидер за да излади убаво и да впие од павлаката. Колачот се послужува ладен и верувајте нема да се покаете ако го направите.
Кога јас првпат го правев, веднаш набрзина се изеде, а она што е уште поинтересно е тоа како пудингот успева да заврши најдолу.
Можете да го приготвите и со пудинг од ванила.