Одличен сочен колач со кокос без масло – децата ќе бидат воодушевени.

Потребни состојки:

100 г кокос
200 мл вода
6 јајца
150 г шеќер
250 г брашно
1 лажичка прашок за печиво

За прелив:

100 г бело или црно чоколадо
за наросување одозгора малку кокос
300 мл млеко
плех 33х25 см
се пече на 180 степени околу 35 минути

Постапка:

Во еден сад попарете 100 г кокос со 200 мл врела вода. Промешајте и оставете да излади. За тоа време одвојте ги белките од жолчките. Прво изматете ги пенасто белките со постепено додавање на 150 г шеќер. Миксајте додека да добиете цврст снег, а шеќерот да се истопи.

Во снегот од белки започнете да ги додавате една по една жолчките. Матете додека убаво да се соедини. Миксерот повеќе не ви треба. Во смесата од јајца додадете просеано 250 г брашно и една лажичка прашок за печиво.

Внимателно промешајте со лажица или жица за матење за да остане смесата воздушеста. Потоа, додадете го и натопениот и набубрен кокос и уште еднаш промешајте.

Плех со димензии 33х25 см (може и малку поголем плех, колачот ќе биде понизок), многу малку намачкајте го со масло а потоа и набрашнете го, па излејте ја смесата и рамномерно распоредете. Печете во претходно загреана рерна на 180 степени околу 35 минути. Ако користите поголем плех, тогаш печењето е пократко.

За прелив: Во 300 мл млеко ставете 100 г бело чоколадо, па загрејте на многу тивок оган додека да се растопи чоколадото. Оставете го малку да излади.

Печениот колач додека е топол прелијте го со изладениот прелив и почекајте да се впие. Одозгора наросете со кокос, па можете да сечете и послужите. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото: