За оние што имаат трпение – нека почекаат колачот да излади, а за нас останатите – ќе си го „скубнуваме“ така уште додека е врел, одличен е!
Потребни состојки: 2 јајца, 250 г шеќер, 1 ванилин шеќер, 400 г брашно, 1 прашок за печиво, 260 мл млеко, 110 мл масло и 50 г мелени ореви. За прелив: 200 г шеќер, 200 мл млеко, 100 г чоколадо, 125 г путер и 100 г мелени ореви.
Постапка: Најпрво вклучете ја рерната да се загрее на 200 степени. Јајцата изматете ги, нема потреба да се одвојуваат белките и жолчките. Потоа додадете ги сите останати состојки и изматете ги добро да се соединат и да нема грутчиња.
Кога рерната ќе се загрее, во една помала тепсија намастена и набрашнета, излејте ја смесата и ставете да се пече. Намалете ја температурата на 180 степени околу 30 минути, во зависност од рерната. Проверете со чепкалка дали е печено.
За прелив соединете ги шеќерот, млекото, путерот и сето заедно ставете на оган да се растопи. Пред да проврие додадете го чоколадото и тргнете да не загори, па мешајте за да се растопи и потоа додадете ги оревите.
Филот ќе биде редок, но така треба да биде. Прелијте го преку колачот, рамномерно насекаде и оставете да излади. Јас преливав врело преку врело и излезе супер, а вие како сакате, може врело со ладно.