Засладете се со овој колач од кокос и чоколадо кој не се пече. Ако сте љубител на баунти чоколатцата или на кокосот, овој десерт сигурно ќе ви се допадне. Баунти колачот можете да го приготвите и како торта, а во продолжение ќе ви откриеме два рецепти:
I РЕЦЕПТ Потребни состојки: 500 мл млеко, 6 лажици шеќер, 6 лажици гриз, 100 г путер или маргарин, 100 г кокос, 220 г бисквити, 200 г чоколадо за готвење, 200 мл слатка павлака, 1 лажица екстракт од рум по желба
Постапка: во калап со димензија 28х18 см наредете кекси. Во еден сад измешајте ги млекото, шеќерот и гризот, па ставете на оган и загревајте на умерена температура. Мешајте постојано додека да згусне, а потоа тргнете го садот од оган.
Додајте го путерот исечкан на ленти и мешајте додека да се растопи и да се инкорпорира во топлиот крем. Потоа додајте го кокосот и убаво уште еднаш промешајте за да се соедини.
Топлиот фил излејте го преку кексите и рамномерно израмнете. Потоа уште еднаш наредете кекси врз површината. Во едно тенџере ставете течна слатка павлака и загревајте ја на тивок оган.
Внимавајте, не смее да ви зоврие, затоа што ќе го промени вкусот. Во топлата слатка павлака додајте го чоколадото искршено на коцки (колку е поквалитетно чоколадото, толку ќе биде повкусна глазурата).
Додајте и екстракт на рум по желба, па мешајте додека чоколадото да се растопи и добиете убава мазна глазура. Прелијте ја преку колачот и израмнете со протресување на калапот и нивелирање горе-долу.
Оставете го колачот најпрво да се олади на собна температура, а потоа ставете го во фрижидер да се стегне. Прочитајте го и вториот колач за баунти торта, која е омилениот рецепт на читателите на НМД.мк:
Направете домашна БАУНТИ ТОРТА за која ви се потребни само 10 минути. Направете домашен колач или торта со вкус кој сите го обожуваат. Овој колач е седмо небо за љубителите на БАУНТИ – готов за неполни 10 минути, без печење. Со полн кремаст вкус на кокос!
Потребни состојки: 300 г мелени бисквити, 200 г темно, квалитетно чоколадо, мелено или ситно рендано и 100 мл млеко. За фил: 500 мл млеко, 80 г пченичен гриз, 100 г шеќер и 200 г кокос. Глазура: 100 мл слатка павлака, 100 г црно чоколадо и 40 г путер
Постапка: се мешаат мелените бисквити и меленото чоколадо, па се прелеваат со млеко. Се меша, а добиената смеса за кора се натапкува во тепсија 30х22 см обложена со хартија за печење. Се израмнува да биде рамномерно.
Половина литар млеко со 100 г шеќер и 70 г пченичен гриз се мешаат со жица за матење, па се ставаат на оган и се готви со постојано мешање додека да згусне. Во врелиот гриз се додава кокосот, се меша и се нанесува рамномерно врз кората. Се става во фрижидер или замрзнувач да излади.
Слатката павлака се загрева со чоколадото искршено на коцки и се меша додека тоа да се стопи, па потоа се додава 40 г путер и се прелива како глазура.