Колачот со портокали е извонредно вкусен и сочен. Многу едноставно се приготвува: потребно е да ги изматите состојките и да го испечете, па да го прелиете со сирупот со портокал.
Може да го печете во куглоф или друг калап. Овој колач навистина е вкусен и сочен, ќе го правите многу често. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за тесто, се мери со чаша од 200 мл):
3 јајца,
1 чаша шеќер (160 г),
3/4 чаша масло за готвење (150 мл),
1 чаша сок од портокал (200 мл),
1 лажичка рендана кора од портокал,
2.5 чаши брашно (250 г),
1 супена лажица прашок за печиво (14 г).
ЗА СИРУП:
1.5 чаша сок од портокал (300 мл),
4 лажици шеќер (50 г).
Куглоф 23х8 см со прстен во средината
ПОСТАПКА: Во подлабок сад изматете ги јајцата заедно со шеќерот, додека тој да почне да се растворува. Потоа додајте ги сите останати состојки, освен брашното, па повторно изматете со жица-маталка, додека смесата да се изедначи.
Потоа започнете постепено да го додавате брашното со постојано мешање додека да добиете хомогена, мазна смеса, без грутчиња. Прашокот за печиво секогаш се додава на крај за да не ги изгуби предвреме своите својства.
Кога ќе го промешате и прашокот за печиво, добиената смеса излејте ја во калап за куглоф (или калап со каков сакате облик), претходно добро намастен со путер.
Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 (или 180 степени, во зависност од рерната) и печете околу половина час.
Во меѓувреме пригответе го сирупот: во 300 мл сок од портокал додајте 4 лажици шеќер и мешајте додека шеќерот убаво се растопи.
За да бидете сигурни дека целосно е растопен, ставете го сирупот во микробранова на 2 минути, или загрејте го на многу тивок оган. Оставете го настрана да се излади.
Печениот колач проверете го со тенко стапче, па доколку излезе суво, значи дека е добро испечен. Избоцкајте го на повеќе места за да може убаво да го впие сирупот. Топлиот колач прелијте го со изладениот сируп и оставете 20 минути да се впие.
По изминатото време можете да го превртите куглофот со помош на чинија (и повторно со друга чинија да се врати во првобитната положба).
Може да го декорирате со некој прелив по вкус, но нема потреба. Колачот е превкусен. Деталите погледнете ги во видеото ОВДЕ.