БОЖИЌНА ПОГАЧА: Детално опишан рецепт…им успева и на почетници. Еве што ви е потребно:

Потребни состојки:

250 мл млеко
250 мл јогурт на собна Т или замлачено
100 мл масло
2 јајца на собна температура
2 рамни лажички сол
2 лажички шеќер
15 г сув квасец
2 лажички брашно
околу 900 г брашно тип 400

и уште:

2 жолчки
1 лажичка млеко
1 лажичка масло

-малку путер за премачкување на садот во кој ќе се пече погачата
-малку масло за премачкување на садот во кој ферментира тестото
-алуминиумска фолија за покривање на погачата за да не потемни многу

Постапка:

Загрејте го млекото да биде млако. Додајте го квасецот, шеќерот и две лажички брашно. Оставете да се активира квасецот 10-15-тина минути. За тоа време измешајте ги јајцата со сол, масло и јогурт. Додајте го и активираниот квасец.

Брашното просејте го за да биде воздушесто, а со самото тоа и погачата кога ќе се испече е полесна. Речиси целата количина на брашното додајте ја во млекото.

Јас ја месам со миксер, иако треба со рака. После тоа само го домесувам тестото, но на почетокот кога треба да се поврзат сите состојки користам миксер.

Значи месете го тестото, а по потреба додавајте го остатокот од брашното. Месете додека тестото да стане мазно. Ако и натаму е лепливо додајте уште малку брашно, но не претерувајте.

Еден чист сад намастете го со масло и ставете го тестото тука додека да го удвои волуменот. И тестото намастете го малку од сите страни.

Потоа спакувајте го садот во најлон кеса, но претходно истиснете го сиот воздух – за да ферментира многу побрзо и поубаво. Оставете го на топло.

Вака приготвеното тесто почекајте да се удвои по што треба да се премеси, па уште еднаш да се повтори постапката. Вториот пат не мора да се чека толку за да нарасне.

Нараснатото тесто истресете го на работна површина. Поделете го на два дела. Првиот дел обликувајте го во круг па ставете го во тркалезен калап 28 см, претходно премачкан со путер. Обликувајте  го така да го прекрие дното на садот.

Вториот дел од тестото поделете го повторно на два дела. А едниот од тие два дела уште на два, а вториот на шест делови. Сите 8 делови развлечете ги долгнавесто во валјачиња од околу 20-тина см, па оставете ги 5 минути да мируваат.

Потоа 6 од нив истенчете ги да бидат подолги, со должина од околу 40 см, за да можат да се сплетат (потребно е да се подолги за да ја прекријат погачата и малку да се подвиткаат под неа).

*Не заборавајте да ставите и паричка во тестото.

Од шесте валјачиња исплетете две плетенки кои ќе ги вкрстите над погачата, прикажано на фотографијата подолу, а од останатите две кои ќе ги свиете едно околу друго, ќе направите круг околу погачата.

Оставете ја сега погачата да нарасне околу половина час. Вклучете ја рерната на 200 степени. Изматете со виљушка жолчка со малку млеко и масло.

Внимателно премачкајте ја Божиќната погача, па ставете да се пече околу 40 минути. Кога ќе добие боја каква што сакате, ставете фолија врз неа за да не потемне повеќе.

Печената погача завиткајте ја во чиста крпа и оставете да излади.

coolinarika.com