Оваа алва не е како обичната која е ронлива. Има богат меден вкус и изобилува со разновидни јаткасти плодови кои сами можете да ги изберете. Алвата има мазна, растеглива текстура и во фрижидер може да се чува до три седмици.
Многу е вкусна, се топи во уста. Одличен избор за празнична трпеза. Не е од оние инстант рецепти „за 5 минути“, но крајниот резултат вреди за сиот труд. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 70 г бадеми, 75 г ф‘стаци, 65 г лешници, 65 г кикирики, 400 г мед, 250 г шеќер, 3 белки од јајца, 1 прстофат сол, 1 лажичка рендана кора од лимон или неколку капки екстракт од ванила (по желба), 2 листа од обланда – по избор, во рецептот не се користат.
ПОСТАПКА: Одберете калап во кој ќе ја истурите смесата за алва и обложете го со проѕирна фолија. Доколку користите листови од обланда, тогаш диманзиите на калапот би требало да одговараат на димензиите од обландата (или обратно, потсечете ги соодветно корите). Во рецептот користевме калап со димензии 30х26 см.
Доколку не користите листови од обланда, тогаш на дното поставете парче лист хартија за печење, а уште еден лист подгответе кој ќе ви треба подоцна за одозгора. Измешајте ги сите јаткасти плодови во еден сад, а потоа истостирајте ги кратко во сува тава.
Пропржете ги на умерена температура со постојано мешање додека малку да замирисаат, а потоа тргнете ги на страна за да се оладат. Во пошироко тенџере измешајте ги медот и шеќерот.
Ставете ги на тивок оган и загревајте ги половина час со постојано мешање додека убаво да се растопат и да се добие сируп. Не треба да зоврие!
Тргнете го тенџерето со сирупот од оган и оставете го малку да подизлади. Во посебен сад внимателно одвојте ги белките од три јајца.
Жолчките складирајте ги и искористете ги за нешто друго. Во белките додајте прстофат сол и пенасто изматете ги во цврст снег кој не паѓа од лажица.
Во сирупот од мед и шеќер започнете постепено да додавате лажица по лажица од снегот од белки. Мешајте со шпатула или лажица, па откако ќе се инкорпорираат белките, тогаш додајте нова лажица снег во смесата.
Ова направете го во 4-5 наврати додека на крај да добиете светла, густа смеса.
Добиената смеса ставете ја на тивок оган и со постојано мешање гответе ја 45 минути. На крај ќе добиете густа, вискозна и сјајна смеса.
За да проверете дали е готова, земете мала количина и ставете во ладна вода неколку секунди. Потоа земете ја во рака и ако има текстура како пластелин и може лесно да се обликува под прстите, значи дека е готова.
Додајте ги претходно истостираните јатки, па промешајте за да се изедначат во смесата.
Потоа истресете ја во подмачкан плех, па со најлонска ракавица малку намастена, притискајте ја одозгора смесата за да распоредите во калапот насекаде подеднакво со иста дебелина.
Одозгора постапвете го вториот лист хартија за печење, па уште еднаш поминете одозгора со раката за да ги израмните нерамнините. Затворете со проѕирна-стреч фолија и оставете на собна температура да се излади и стегне 5-6 часа.
Потоа отстранете ја хартијата/фолијата и сечете ја на долги ленти со широчина по ваш избор. Претходно ножот намастете го за полесно да сече. Секоја лента посебно завиткајте ја во проѕирна фолија.
Може да ја чувате алвата на ладно место 1-2 недели или 3 недели во фрижидер. Пред сечење на парчиња, извадете ја алвата да се стопли на собна температура. Деталите од постапката погледнете ги во видеото ОВДЕ.