Бајадера торта, самиот назив најавува еден многу вкусен гламурозен десерт. Вкусот никој досега не го оставил рамнодушен, просто, секој залак се топи во уста. Бајадера тортата е неодолива, а толку едноставна. Се користи калап со пречник од 20 см. Штом чоколадото се олади, може да се сече бајадерата и да се послужи…
Потребни состојки: 3 јајца со средна величина, 300 г шеќер, 250 г ореви, 100 г лешник, 250 г путер или маргарин, 350 г мелени кекси, 200 г чоколадо за готвење и 4-6 супени лажици масло.
Постапка: најпрво добро изматете ги јајцата. Постепено додавајте го шеќерот додека ги матите јајцата и продолжете со миксање додека тој да се растопи а смесата да згусне и побели како крем.
Потоа јајцата обработете ги термички (мешајте ги неколку минути во сад поставен на пареа, за да се одбегне евентуално салмонела или друга бактерија), па оставете ги да се оладат. Во меѓувреме растопете го путерот и оставете го да се олади.
Во мелените кекси додајте ги мелените ореви, мелените лешници, па залијте ги со растопениот путер и додајте ги изматените и оладени јајца. Со помош на шпатула или лажица промешајте ги состојките додека тие да се соединат и да добиете компактна смеса.
Доколку јајцата се големи, можеби ќе биде потребно уште малку кекси да додадете за да добиете смеса со конзистенција на влажен песок. Добиената смеса ставете ја во калап со пречник од 20 см.
Добро распоредете ја смесата на дното и израмнете со притискање на лажицата. Ставете го калапот со смесата во фрижидер за да се стегне, а во меѓувреме пригответе го вториот дел.
Искршете го чоколадото на коцки, па ставете го во едно тенџере и додајте четири лажици масло. Загревајте на многу тивок оган или на пареа, со постојано мешање. Чоколадото можете да го растопите и во микробранова печка.
Чоколадната глазура само излејте ја во калапот врз смесата и израмнете. Вратете во фрижидер на ладење, а кога ќе се стегне, веќе можете да ја сечете и да ја послужите. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ. Прочитајте уште еден рецепт за брз бајадера колач:
Колач со вкус на бајадера
За да го приготвите овој вкусен колач ќе ви бидат потребни следните состојки: 2 јајца, 150 г шеќер, 200 г карамели бонбони со вкус на лешник, 200 г путер, 300 г мелени бисквити. За глазура ќе ви биде потребно: 150 г чоколадо, 50 г путер и 30 мл масло.
Постапка: Во подлабок сад ставете скршете две јајца кои претходно отстојале на собна температура. Додадете 150 г шеќер и пенасто изматете ги со електричен миксер додека шеќерот да се растопи, а јајцата да згуснат и се добие светла кремаста структура.
Бидејќи колачот не се пече, за да не останат јајцата сурови, најдобро е да се зготват на пареа. Затоа, садот во кој ги измативте, ставете го врз тенџере на оган во кое врие вода. Кога ќе се загреат јајцата во нив додајте ги карамелите –бонбони и мешајте да се растопат.
Гответе ја смесата на пареа со постојано мешање додека целосно да се растоапат бонбоните, околу 10-тина минути. Во топлиот крем додадете 200 г путер исечкан на коцкички. Повторно промешајте за да се растопи и соедини. Кога кремот ќе се свари тргнете го на страна и оставете го малку да се подизлади, неколку минути со повремено промешување.
Во кремот додајте ги мелените бисквити (300 г плазма) и промешајте за да се впијат и да се добие изедначена смеса. Вака приготвената карамел-плазма смеса излејте ја во калап со димензии 20х20 см, рамномерно распоредете и израмнете. Оставете да се олади и да се стегне, а по некое време ќе забележите дека смесата целосно ќе се измазни на површината.
За глазурата потребно е 50 г путер да го загреете во помал сад, на тивок оган. Додајте малку масло, околу 30 мл и искршено црно чоколадо за готвење. Колку чоколадото е поквалитетно, толку и глазурата ќе биде повкусна. Кога сите состојки ќе се растопат и соединат во сјајна глазура, излејте ја врз колачот и со протресување на калапот распоредете ја подеднакво врз целата површина.
Бајадерата оставете ја еден час во фрижидер за убаво да се стегне. Потоа отстранете го обрачот и пресечете штангли или коцки со големина по ваша желба.