Рецепт и видео прилог на: Cucina Facile Tashev
Вкусна и мека како памук погача, филувана со нутела. За рецептот има и видео прилог од постапката.
Потребни состојки: 140 мл млеко, 140 мл топла вода, 40 мл масло, 2 лажички шеќер, 1 лажичка сол, 1 јајце, 20 г свеж квасец и 500 г брашно. За фил: 200 г нутела, 1 жолчка за премачкување, црн сусам за наросување, 20 г путер. Се пече во калап 24 см
Постапка: Во длабок сад ставете млака вода и млеко и растворете го квасецот. Промешајте добро за да се раствори, па додадете шеќер и сол. Додадете го и јајцето, а потоа и маслото и продолжете со мешање.
Кога убаво ќе се соединат течните состојки, започнете постепено да го додавате брашното. Во почетокот мешајте со лажица, а потоа замесете го рачно. Месете го неколку минути додека да добиете меко, мазно и еластично тесто. Удрете го повеќепати од работната површина за да добие на еластичност.
Тестото оставете го во малку набрашнет сад и покријте го со крпа да стасува околу 45 минути на собна температура. Стасаното тесто истресете го на набрашнета површина и поделете го на два дела. Од секој дел формирајте топка, а потоа со оклагија развлечете правоаголна кора со должина од 50 см и широчина 20 см.
На едниот крај од кората распоредете околу 100 г нутела, а на спротивната страна направете засеци (како за гасеница). Свиткајте во вид на ролат започнувајќи од страната со нутелата, а потоа во вид на полжав во намастена тепсија 24 см. Постапката повторете ја и со второто тесто, па ролатот надоврзете го на првиот.
Вака приготвената погача оставете ја да одмори 15 минути на собна температура. Одозгора премачкајте ја со жолчка и наросете црн сусам. На неколку места ставете мали парченца путер и ставете да се пече во загреана рерна на 180 степени околу 35 минути. Деталите може да ги погледнете во видеото: