Благата пченица обично се приготвува за слави како дар и благодарност кон Бог и светците за здравјето, напредокот и благосотојбата на домот и луѓето кои живеат во него.

Им се послужува на гостите кога ќе дојдат кај домаќинот, па тогаш гостинот се прекрстува и зема лажичка од благата пченица, обично со чаша вода.

Меѓутоа, пченицата е многу хранлива и здрава да се јаде и во обични денови, особено кога се постите на вода.

Потребни состојки:

1 кг пченица

1 кг ореви

1 кг шеќер (или ако го одбегнувате користете стевија, мед и слична замена), а може и малку да се додаде мускантно оревче.

Постапка:

Пченицата обично започнува да се приготвува два или три дена пред славата, бидејќи тоа прво се чисти и се прелива со вода една ноќ, а другата ноќ се изладува.

Значи вака: житото се чисти од нездрави зрна и се потопува во вода преку ноќ. Следниот ден се процедува, се мие, па се налева со вода и се става на оган да вари.

Житото се вари отприлика 1,5-2 часа додека убаво да омекне, ама да не се распаѓа. Во текот на готвењето треба да се внимава секогаш да има прст-два вода над него.

Кога е сварена пченицата, се става во ќебе и се завиткува, па така се остава преку цела ноќ да излади полека.

Следниот ден се процедува, но се плакне и испира, бидејќи потребно е да остане скробот кој се испуштил при варењето.

Се меле на машина за месо двапати. Најдобро е на машина за месо а не во блендер или некој друг таков апарат, бидејќи житото треба да остане така зрнесто а не целосно кашесто.

Се додаваат оревите и шеќерот, па со раце се замесува убаво за да се соедини.

Потоа житото се обликува по желба, се прават бомбици и се валкаат во мелени ореви, се исполнува садот и се наросува со ореви или се украсува со половинки ореви во вид на крст. Декорацијата зависи од вас.