Ако сакате да направите брз колач, без многу труд и долго време поминато во кујната, овој колач е идеален за таа намена. Доколку ви се појават ненадејни гости на врата или ви се најават за истиот ден, овој колач може да го подготвите со неколку состојки кои веројатно постојано ги имате во домот.




Колачот е целиот кремаст и речиси и да не се забележува дека е „евтин“. Сите го фалат и мислат дека постапката е макотрпна и се користат многу состојки. Јас го правам речиси секогаш кога ми доаѓаат кумовите на гости, секојпат во различен вкус, но дефинитивно е најубав со чоколадо. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 150 г пишкоти, 200 мл млеко (1 чаша). ЗА КРЕМОТ: 1 л млеко (5 чаши), 40 г шеќер (2 лажици), 50 г пченкарен скроб (3 супени лажици), 1 кесичка пудинг со вкус на карамела (100 г), 15 г незасладено какао (1 лажица), 8 г инстант кафе (1 лажица), 50 г темно чоколадо. Ако пудингот е незасладен, додајте 2-3 лажици шеќер.




ПОСТАПКА: Во еден огноотпорен сад или калап за колачи, по можност правоаголен, започнете да ги редите пишкотите, претходно кратко натопени во млакото млеко. Млекото може претходно да биде сосем малку загреано, но многу малку, да не биде врело, зашто ќе се распаднат кексите.




Ќе ви бидат потребни околу 20-тина пишкоти, во зависност од големината на калапот. Секоја пишкота редете ја во садот настрана, со подолгата, странична страна да биде на дното. На овој начин редете ги пишкотите додека да исполните два еднакви редови по 9 пишкоти, потпрени една на друга.




Просторот во средина помеѓу пишкотите исполнете го со 1 цела пишкота и друга на половина, или според големината на вашиот калап пополнете го дното според потребите. Потоа преминете на подготвување на кремот. Во тенџере ставете 1 литар млеко и додајте ги следниве состојки: шеќер, пченкарен скроб, пудинг од карамела, какао и инстант кафе.




Измешајте со жица/маталка и ставете го тенџерето на рингла додека пудингот да се згусне. Со повремено мешање, варете го пудингот неколку минути, по зовривање на смесата, на средна кон ниска температура, за да не ви загори.

Кога ќе ја добиете потребната густина, тргнете го тенџерето од рингла и додајте го чоколадото искршено на коцки, па промешајте повторно да се растопи во врелиот пудинг.




Кога пудингот малку ќе се олади, прелијте го преку пишкотите и рамномерно распоредете го низ целата површина. Покријте го садот со проѕирна фолија и ставете го во фрижидер минимум 2-3 часа за пудингот фино да се стегне. По изминатото време, пудингот може веднаш да го послужите, но претходно направете уште нешто.

Наросете малку какао (преку целдалка за чај на пр.) како завршен слој врз оладениот пудинг кој ќе даде совршен ефект кој изгледа многу декоративно. Потоа, пресечете го колачот на поголеми коцки и веднаш послужете го. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.