Ако сакате да приготвите брз и вкусен појадок, тогаш овие „палачинки“ се одлична идеја. Не содржат брашно, туку гриз.
Гризот се добива со мелење на средниот дел од пченичното зрно, има голема моќ на впивање, производот е природен, без додатоци на адитиви и конзеpванси, па затоа се користи за исхрана на деца и возрасни.
Пченичниот гриз е еден од најдобрите извори на белковини, богат со есенцијални минерали и витамини, како и прехрамбени влакна, а нивото на масти е многу ниско.
Во текот на просејувањето се одделува скробот и така настанува гризот. Оној добиен од тврда пченица има жолта боја и најчесто е основа за добивање на кускус.
Ако гризот се добие од помека пченица, тогаш има бела боја, но тогаш најчесто станува збор за брашно. Освен од пченица, гризот може да се добие и од ориз.
Во секој случај, каков и да користите, многу е поздрав и похранлив, па затоа не пропуштајте го овој рецепт и пригответе вкусен појадок.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 јајца, 2 супени лажици шеќер, 1 прстофат сол, 250 мл густ јогурт или кисело млеко, 250 г гриз, 1 мала лажичка сода бикарбона. За солена варијанта намалете го шеќерот и додајте сол по вкус. И уште: малку масло за пржење
ПОСТАПКА: во подлабок сад скршете две покрупни јајца, додајте две лажици шеќер. прстофат сол и 250 мл густ јогурт или кисело млеко (ако имате кисела павлака, разредете ја со малку млеко), па сето убаво изматете го со кујнска жица-маталка.
Во изедначената смеса додајте 250 г гриз и повторно промешајте додека да се инкорпорира и соедини. Смесата прекријте ја со стреч-проѕирна фолија или со кеса и оставете ја да одмори половина час на собна температура.
За тоа време гризот ќе набубри и добро ќе се хидрира. Во отстојаната смеса додајте една мала лажичка сода бикарбона, па промешајте за да се изедначи.
Во нелеплива тава ставете масло да се загрева на умерена температура. Маслото треба да го прекрива дното и да има уште малку.
Лажицата или кутлачата-модла најпрво натопете ја во загреаното масло, а потоа црпнете од смесата. Спуштајте во топлото масло, но оставајте малку простор зашто палачинките ќе нараснат при пржењето.
По потреба намалувајте ја или покачувајте ја температурата и пржете ги палачинките по неколку минути од двете страни додека убаво да заруменат.
Превртувајте ги со помош на две виљушки или кијнски шпатули, па вадете ги врз хартиена салфетка за да се впие вишокот маснотија.
Ако не сакате да ги пржите палачинките, тогаш со смесата полнете хартиени корпички и печете ги на умерена температура во рерна. Деталите од постапката погледнете ги ОВДЕ.