Оваа торта можете да ја приготвувате за различни пригоди, но можете да ги изненадите и вашите најблиски следниот викенд. Се приготвува бисквит и две креми, бела и кафеава, се истураат една врз друга, а потоа чекате да го видите резултатот како уметничко дело. Вкусот исто така, ќе ве воодушеви.
Потребни состојки за бисквит: 3 јајца, 3 лажици шеќер, 3 лажици брашно, малку прашок за печиво (лажичка). За бел крем: 500 мл млеко, 250 г бело чоколадо, 6 лажици шеќер, 2 кесички желатин во прав (10 г), 150 мл слатка павлака
За темен крем: 500 мл млеко, 250 г чоколадо за готвење, 6 лажици шеќер, 2 кесички желатин во прав (10 г), 150 мл слатка павлака
Постапка за приготвување на бисквитот: изматете ги јајцата со шеќерот додека тој да се растопи и да добиете густа, светла смеса, па додајте брашно и малку прашок за печиво. Промешајте додека да се изедначи смесата, па излејте ја во калап (со пречник од 28 см), и печете го на пониска температура (160 ° – 170 ° c) околу 15-20 мин.
Испечениот бисквит оставете го во калапот да се олади, не го одделувајте никако од калапот, ниту со н ож не се обидувајте да ги одлепите страните… значи како што го извадивте од рерната, така оставете да се излади…
Ако случајно го одвоите од ѕидовите на калапот, кога ќе го излеете кремот, тој ќе протекува, а доколку го одвоите од дното на калапот, во моментот кога ќе го излеете кремот, бисквитот ќе ви исплива на површината. Значи важно е да запатите да го оставите бисквитот во калапот како што се испекол.
Воопшто не се обидувајте да го поместувате, одлепувате или слично, едноставно во него само излејте го кремот и потоа сè ќе биде супер. Приготвување на кремот: во две различни тенџериња сварете ги двете креми одеднаш. Во едното тенџере белиот крем, а во вториот темниот.
За бел крем: ставете го да се вари млекото заедно со шеќерот, па кога млекото ќе се загрее, додајте го чоколадото во него, тргнете го од оган и промешајте со жица за матење (мешајте брзо), па вратете го на тивок оган и продолжете со матење.
Внимавајте да не ви загори, по потреба тргајте го тенџерето од оган и мешајте сè додека целото чоколадо да се растопи. Оставете го на страна да се лади, а додека се лади повремено промешувајте го.
Кога ќе се излади целосно, на страна изматете 150 мл слатка павлака, па добиениот шлаг додајте го во изладеното млеко заедно со поретходно приготвениот желатин според упатството (промешајте го со малку ладна вода, па откако ќе набубри растопете го на пареа).
За темен крем: приготвувањето е подеднакво исто како и за белиот крем само што наместо бело, додавате црно чоколадо.
Редење: оставете го бисквитот во калапот (задолжително) па врз него излејте го темниот крем, па прошарајте го со белиот крем. Оставете го во фрижидер (по можност преку ноќ, дури можете да го ставите во замрзнувач еден час, а потоа преместете го во фрижидер).
Кремите не треба да бидат многу течни затоа што смесите ќе се измешаат веднаш и нема да добиете вакви шари. Доколку кремите ви се многу ретки и течни, оставете ги кратко во фрижидер малку да се стврднат (желатин ќе ги згусне) и потоа полека излевајте ги во калапот.
Ако не се многу ретки, со кремите можат да се направат навистина многу убави шари. Кога ќе почнете да го истурате белиот крем, не мешајте со ништо, туку полека истурајте како да пишувате врз тортата. Ако промешате со лажица (или нешто друго), сè ќе се претвори во еднолична боја, иако нема да се промени вкусот, само изгледот. / Сoolinarika.com