Ова е една многу вкусна салата во која ќе си уживате во текот на целата зима. Ја приготвив без конзерванси и ја пастеризирав. Под пишаниот рецепт можете да го погледнете и видеото со постапката на приготвување.
Потребни состојки: 3 кг пиперки сомборки или бабури, 1 главица лук, 1 китка магдонос, 300 г моркови, 120 г шеќер, 120 г сол, 250 мл масло, 1,5 литар вода, 500 мл оцет 9%, 1 рака црн пипер во зрно и 1 ловоров лист
Постапка: Пиперките измијте ги убаво и исчистете ги од петелките и од семето. Во поголемо тенџере ставете 1,5 литар вода и половина литар оцет.
Во смесата додадете 120 г шеќер и 120 г сол. Потоа додадете и 250 мл масло. На крај додадете 1 ловоров лист и една рака црн пипер во зрно. Ставете го тенџерето на оган за да се свари смесата и повремено промешувајте.
За тоа време исчистете го и ситно исечкајте ги лукот и магдоност. Морковот исечете го на тркалца. Кога водата ќе проврие намалете ја температурата, па ставајте ги пиперките во неа да се варат 2-3 минути, само колку да омекнат. Потоа вадете ги со решеткаста лажица.
Во стаклени тегли претходно стерилизирани редете ги пиперките и наросувајте ги со лук, морков и магдонос. Продолжете да ја полните теглата додека да ја наполните. Прелијте од течноста и наполнете ги теглите до врв.
Одозгора ставете потиснувачи или стапчиња за да ги притиснете пиперките и за да спречите да не испливаат над течноста. Затворете ги со стерилизирани капаци.
Вака приготвените тегли можете да ги пастеризирате во рерна на 100 степени околу 15-тина минути или ставете ги во едно длабоко тенџере на чие дно сте ставиле крпа и налејте вода.
Тенџерето со теглите ставете го на умерен оган колку да струи водата 15-тина минути. Оставете ги теглите така да изладат. Деталите можете да ги погледнете во видеото: