Фото и рецепт: Ариана. Потребни состојки: 500 г готови кори, 7-8 јаболка со средна величина, 10 големи лажици шеќер за јаболката, 1 ванилин шеќер, по желба цимет за јаболката, 3 големи лажици лебни трошки за јаболката, неколку капки арома од ванила и бадем,
Потоа, 150 г грубо мелени лешници и ореви, 150 г ситно мелени лешници и ореви и 250 г путер. За шербет: 1 лимон исечен на кругови, 600 г шеќер и 1 литар вода. Постапка: Прво измешајте ги оревите и лешниците, па одвојте половина за да ги сомелете покрупно и другата половина поситно.
Путерот растопете го. Јаболката убаво измијте ги и изрендајте ги со кора, измешајте ги со лебните трошки (презла), цимет, арома и шеќер.
Во тепсија (32х22 см) ставете хартија за печење и премачкајте ја со растопен путер. Започнете со редење на корите: прво ставете една кора, премачкајте ја со путер, па ставете втора кора и истото повторете го уште три пати. Наредете вкупно 5 кори премачкани со путер.
Врз корите ставете малку од смесата со ореви и лешници и малку од смесата со јаболка. Рамномерно распоредете. Потоа ставете две кори и малку притиснете ги со рака за да добиете рамна површина. Премачкајте ги со путер, па повторно наредете фил.
На овој начин редете додека да ви се потроши материјалот. Последните 5 кори се редат исто како на почетокот, без фил. Наредената баклава се сече во облик на ромбови, добро се премачкува со растопен путер и се пече во претходно загреана рерна на 150 степени.
Се пече додека да добие обава бакрена боја. Печената баклава се прелива со шербет кој претходно сме го свариле и изладиле. За шербет: Водата, лимонот исечен на тркалца и шеќерот варете ги додека да добиете густ сируп.
Врз прелиената баклава ставете алу-фолија и врз неа нешто тешко за да може баклавата убаво да го впие сирупот. Изладете неколку часови пред консумација. Најдобро е да се направи баклавата еден ден претходно и да ја оставите да се лади во фрижидер преку цела ноќ.