Ова не е вистинска бајадера, па затоа ја нарековме Бајадерка, но затоа пак, е вистинско освежување. Без печење, многу брзо се приготвува, се лади во фрижидер и готова е, можете да се сладите и да уживате во вкусот.
РЕЦЕПТ 1 – Потребни состојки: 1 литар млеко, 150 г гриз, 250 г путер/маргарин, 1-2 лажици какао, 200 г шеќер, 1 ванилин шеќер, 1 лимон кора и сок од половина лимон и бисквити по ваш избор за редење на слоевите (во три реда)
Постапка: сварете го млекото со шеќерот, па во топлото млеко додајте го путерот исечкан на помали парчиња за да се растопи, па во тоа згответе го гризот. Мешајте постојано додека да се свари и да згусне (слично како пудинг).
Поделете ја смесата на два еднакви делови, па во едниот додајте го какаото во прав, а во другиот дел додајте ванилин шеќер, малку лимонов сок и рендана кора. По ваша желба, во белиот крем можете да додадете и само некое бело чоколадо (по вкус).
Во калап 20х30 см наредете ги бисквитите, па одозгора излејте го кафеавиот крем. Бидејќи кремите се топли, нема потреба да ги натопувате бисквитите во млеко, но доколку сакате, можете тоа да го направите.
(Ако користите пишкоти на пример, тие се подебели, па препорачливо е да се натопат во млеко, но тенките бисквити нема потреба, бидејќи од топлината на кремот веднаш ќе омекнат).
Врз кафеавиот крем кој убаво сте го израмниле, наредете уште еден ред бисквити, па врз нив излејте го белиот крем. Рамномерно распоредете и израмнете. Потоа најодозгора наредете уште еден ред бисквити.
И толку. Ставете во фрижидер да излади барем неколку часа за да омекнат убаво кексите и да се стегне кремот. Потоа сечете и послужете, уживајте во вкусот / Линда / Сооlinarika.com / Прочитајте го и следниот рецепт за Бајадера торта која се прави за 10 минути
РЕЦЕПТ 2 – Бајадера за 10 минути, толку лесно се приготвува што и дете може да ја направи
Оваа торта може да ја приготвувате за секој ден, но со неа можете да ги пречекате и вашите мили гости. Може да ја направите како торта во тркалезен калап или правоаголен, па ја сечете на штангли.
Потребни состојки: 200 г путер или маргарин, 200 мл вода, 200 г шеќер, 300 г мелени бисквити, 300 г мелени ореви, 2 супени лажици какао, 100 г чоколадо за готвење, 3 супени лажици млеко.
Постапка: Најпрво во едно тенџере ставете 100 г путер или маргарин и додајте 100 г шеќер и 100 мл вода. Темнџерето ставете го на рингла на умерена температура, па загревајте со повремено промешување додека состојките да се растопат и да се изедначат.
Кога ќе се растопат состојките, тргнете го садот на страна, па додека сè уште е топла, во смесата додајте 150 г мелени бисквити (во овој рецепт беа искористени плазма мелени кекси), 150 г мелени ореви и 2 супени лажици какао во прав.
Добро промешајте со шпатула. Кога состојките ќе се изедначат, смесата ќе се згусне и ќе добие конзистенција на мек, влажен песок.
Пригответе помал калап со пречник на обрачот од 19 см (може да користите и друг сад со слични димензии, претходно добро обложен со проѕирна фолија за да можете да го извадите колачот).
Смесата додека е топла и мека распоредете ја на дното од калапот и добро израмнете ја површината.
Потоа започнете да го приготвувате вториот слој: во тенџере ставете 100 мл вода, 100 г путер или маргарин, 100 г шеќер и исто како првиот пат, загревајте на рингла додека да се растопи.
Во смесата додадете 150 г мелени бисквити (плазма), 150 г ореви и мешајте додека состојките да се спијат и изедначат.
Густата смеса рамномерно распоредете ја врз кафеавиот слој и израмнете. Тортата тргнете ја на страна малку да се олади и стегне додека ја приготвувате глазурата.
За глазура: Во помало тенџере ставете 100 г чоколадо за готвење искршено на коцки и 3 супени лажици млеко. Загревајте го на тивок оган додека убаво да се растопи и да стане течно.
Глазурата излејте ја врз тортата и протресете го калапот за да се распореди рамномерно.
Тортата оставете ја да се олади на собна температура, па ставете ја во фрижидер барем половина час пред сечење. Потоа извадете го обрачот, сечете ја на триаголници или форми по ваш избор и послужете ја.