БАЈАДЕРА КОЈА ЧИНИ ПОМАЛКУ ОД 100 ДЕНАРИ: вкусна, кремаста со бисквитен вкус. Оваа бајадера се разликува од останатите рецепти на многу начини. Најпрво се подготвува од само 5 состојки, кои ќе ве чинат само 100 денари.
Покрај тоа не се пече, а подготовката е многу лесна и едноставна. Вака ќе ја правите постојано, а можеби во еден ден ќе треба да ја подготвувате 2 пати од што е вкусна. Другата причина зошто оваа бајадера е толку посебна е тоа што се подготвува со компир.
Можеби звучи чудно, но навистина е превкусна и вреди да ја направите. Овој рецепт го најдовме на каналот Нолифер. Има прекрасен бисквитен вкус кој ќе ве воодушеви по првото залче. Рецептот прочитајте го во продолжение:
Потребни состојки: 2 компири (околу 300 г), 170 г шеќер во прав, 80 г маргарин, 170 г мелени бисквити (плазма), 10 г какао. Постапка: Компирите добро измијте ги и излупете ги. Потоа исечете ги на тенки кругови и ставете ги во тенџере.
Додајте вода во тенџерето, да ги прелие сите компири и ставете го тенџерето на рингла на средна температура. Оставете да варат додека да омекнат. Потоа процедете ја од нив водата и испасирајте ги со виљушка како пире.
Всушност, во последно време многу теста и други печива, па дури и тестенини се прават од компир. Компировиот скроб привлекува и задржува повеќе вода од пченичниот скроб и помага да се зголеми содржината на влага во печивата.
Во пирето додајте го маргаринот, кој во случајов делува како зацврстувач и вмешајте го со миксер во смесата. Додајте го шеќерот во прав и продолжете да матите со миксерот. На крајот се додава плазмата и се формира убава, еднолична смеса.
Оваа смеса поделете ја на два еднакви делови. Во едниот дел со миксер вмешајте го какаото, а другата оставете да биде бела каква што е. Ќе забележите дека кафеавата смеса ќе биде малку поцврста, па затоа таа се користи како „база“.
Кафеавата смеса ставете ја на проѕирна фолија или чинија и обликувајте ја во правоаголник со дебелина од 1 см. Израмнете ги краевите. Одозгора премачкајте ја и белата смеса во истиот облик. Вака подготвената бајадера ставете ја во фрижидер да се стегне.
Кога ќе се стврдне, може да ја послужите со сечење на мали правоаголници, а по желба може да прелиете и со чоколаден фил (растопено чоколадо). Многу е вкусна и има преубав бисквитен вкус, а се прави ептен едноставно кога ви треба нешто набрзина.