И зимно време ни се пријадува сарма од лозов лист, па не е лошо да си имаме за зимница. Нашите баби листовите ги чуваа во силна саламура, но и ова е доста едноставен начин. За саламура, прочитајте го вториот рецепт, подолу.
Потребни состојки:
1 пластичен сад со капак
По потреба свежи листови винова лоза
1 најлон кеса за замрзнување
Постапка:
Наберените свежи листови од винова лоза измијте ги, ставете го сад и прелијте ги со вода. Варете ги 5 минути, процедете ги и оставете ги да изладат.
Редете еден врз друг по десет листови и свиткајте ги заедно како пура. Пурата ставете ја во пластичниот сад (доста се погодни кутиите од сладолед) обложена со проѕирна фолија или најлон кеса.
Вака постапете со сите листови. Кога ќе се наполни првиот ред, покријте со најлон кеса. Наредете го вториот ред и повторно покријте со најлон кеса и така со ред додека да го исполните садот.
Кутијата затворете ја и сместете ја во замрзнувач. По потреба вадете си ролнички, оставете да се одмрзнат и виткајте сарми.
ВТОР РЕЦЕПТ – САЛАМУРА
Потребни состојки:
Листови по потреба
1 мало лажиче сол
1 лажиче шеќер
1 лимонтус
Постапка:
Се мијат набраните свежи листови од винова лоза и се чистат од петелки. Се редат десет листови еден врз друг и се виткаат како пура. Се редат во стаклена тегла добро стиснати 4 или 5 пури или колку ќе ви собере.
Потоа ставете по едно лажиче сол и шеќер, еден лимонутс и долијте со ладна вода. На крај добро се затвораат теглите, се виткаат во весник, се редат во тенџере со вода и се варат 10-15 минути. Се оставаат да изладат и се чуваат на ладно и темно до отварањето.
Исто така, како трет начин можете на оган да ставите една шерпа со малку сол, алкохолна киселина и вода, па кога ќе зоврие да ги ставате листовите додека да ја сменат бојата. Со решеткаста лажица вадете ги, редете ги во кеси и чувајте ги во замрзнувач.