Основата на овoj колач е бисквит и чоколадо, поточно какo крем табла, со додаток на лешници и кокос. Може да го послужите и како ситен колач ако направите неколку видови од нив бидејќи се прави брзо, а потоа само се сече на штангли.




Не излегува кој знае колку од колачот, но колку да се засладите дома е доволно. Ако го правите за повеќе гости, дуплирајте ја дозата. Наместо лешници, можете да користите ореви, како и да го прескокнете кокосот, доколку не го сакате неговиот вкус или ако многу го сакате, да го направите целиот во кокос, без јатки. Еве кои состојки ви се потребни:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 200 г бисквити, 200 г чоколадо за готвење, 100 г посен маргарин, 1/2 шолја млеко од соја, може да користите и вода – на фотографијата е направено со вода, 125 мл, 6 лажици шеќер, 100 г печени мелени лешници, 50 г кокос, 2 лажици какао.




ПОСТАПКА: Скршете го бисквитот на поситни парчиња и во него додајте го мелениот лешнник и кокос и добро соединете. Во тенџере се ставаат водата (соиното млеко), шеќерот, сечканиот маргарин и чоколадото искрешно на коцки.




Тенџерето се става на рингла вклучена на средна кон ниска температура и кога млекото (водата) ќе почнат да се затоплуваат, се започнува со постепено мешање, додека да се соединат еднолично сите состојки. Чоколадото, шеќерот и маргаринот да се растопат и да се формира еднолична и течна смеса.




Кога ќе се растопи, почекајте да зоврие течноста и веднаш прелијте ја смесата врз бисквитот, кокосот и лешниците. Нежно и добро измешајте со шпатула и тортата складирајте ја во во мал калап, во кој на дното претходно сте ставиле стреч фолија или хартија за печење.




Калапот што е користен во овој рецепт е со димензии 29×11 см, може да биде во која било големина, 20×20 см, генерално изберете помал калап и прилагодете ја висината на колачот. Во секој случај колачот не се пече, но се препорачува да биде подебел, затоа се прави во помал калап.




Доколку вашиот калап е поголем, а немате мал, целата смеса ставете ја на едниот крај од калапот и полека распоредете ја на другиот крај, внимавајќи колачот да ја има соодветната висина.




Кога ќе дојдете до степен да сте ја истегнале масата, висината да биде прилагодена, тогаш само тапкајте ја површината на колачот со лажица, да биде рамна и оставете да се излади во фрижидер од 6-8 часа или најдобро преку цела ноќ.




За ова време, колачот фино ќе се стегне и потоа ќе може да го превртите на чинија за послужување, од каде ќе го исечете на помали коцки. Пред послужување, најдобро е колачот да отстои 10-тина минути на собна температура, за да може полесно да го исечете во саканата форма.




Овој колач е нешто слично како познатата ресана торта која се прави на идентичен начин. По желба, во тортата може да ставите сечкани ресани на помали парчиња, исто како и бисквитот, но доколку ја правите тортата посна, најдобро е да внимавате на изборот на ресаните. / Domacirecepti.net