Рецепт и видео презентација на Сара од Мои Домашни Рецепти – Брз колач со пишкоти за тирамису кој се приготвува за 10 минути. Многу лесен и едноставен за правење, а ќе ве изненади со мекоста и вкусот. Ќе уживате во секој залак кој буквално се топи во уста.
Потребни состојки: 800 мл млеко, 5 супени лажици шеќер, 4 супени лажици брашно, 2 супени лажици какао, 30 г путер, рендана кора од портокал за вкус, 50 г бисквити обични и 50 г бисквити за тирамису (пишкоти).
Постапка: Во едно тенџере ставете 800 мл млеко, засладете го пет супени лажици шеќер, додадете 4 супени лажици просеано брашно и две супени лажици какао. Смесата добро измешајте ја со жица-маталка и соединете ги состојките да нема грутчиња.
Тенџерето ставете го на рингла на умерена температура и варете го кремот со постојано мешање додека да згусне (исто како за пудинг). Пред да зоврие смесата додадете и околу една лажица рендана кора од портокал за да се збогати вкусот (по желба).
Во кремот додадете и 40 г путер исечкан на помали парчиња. Продолжете да го варите кремот со постојано мешање додека да се растопи путерот и да добиете убава мазна смеса. Сварениот крем тргнете го на страна малку да подизлади, а за тоа време пригответе го калапот.
Земете длабок, долгнавест калап за ролати или леб со димензии приближно 10х20 см и обложете го со проѕирна фолија. Ставете околу 2-3 црпалки (кутлачи) колку да се покрие дното на калапот во висина од половина или еден центиметар. Веднаш наредете 4 обични бисквити во еден ред.
Преку редот плазма веднаш прелијте една голема кутлача од топлиот крем, па наредете нов ред од 4 бисквити (или колку собира во вашиот калап). Повторно прелијте одозгора од врелиот крем и израмнете ја површината. Наредете трет ред бисквити.
Повторете ја постапката додека да ги потрошите материјалот, односно на истиот начин наредете уште неколку слоја бисквити додека речиси да го исполните калапот. А потоа наредете 50 г пишкоти (7 пишкоти, бисквити за тирамису). Притиснете ги малку да навлезат во кремот.
Покријте го колачот одозгора со проѕирната фолија и оставете го три часа во фрижидер. За тоа време бисквитите ќе омекнат, а кремот ќе се стврдне. По изминатото време извадете го колачот и превртете го врз тацна за послужување. Отстранете ја фолијата.
Одозгора наросете го со какао или чоколадо во прав по желба. Потоа растопете едно чоколадо во микробранова печка или на пареа, па направете ја завршната декорација. Колачот е готов за сечење и послужување. деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.