Ако имате свежо нане или мента, не пропуштајте го овој брз, едноставен, а многу ефектен рецепт со кој пријатно можете да го изненадите сопругот (или сопругата). Потребни ви се само 20 свежи листови од оваа ароматична билка. Еве што друго ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 20 свежи листови мента/нане (20 г), 100 г шеќер, 1 јајце, 100 г несолен путер омекнат на собна температура, 220 г брашно, 7 г прашок за печиво, 40 г чоколадни капки/чипс (или чоколадо исечкано на ситни коцки).
ПОСТАПКА: Листовите од нане/мента измијте ги добро под млаз ладна вода, а потоа оставете ги да се исцедат. Најдобро е да ги натапкате со хартиена салветка за да ја извлете сета преостаната влага.
Потоа ставете ги листовите во еден подлабок сад и додајте 100 г шеќер кристал. Со рачен блендер изблендирајте ги двете состојки заедно додека да добиете мазна, хомогена, изедначена зелена смеса.
Во изблендираното нане додајте едно цело јајце и 100 г путер кој претходно сте го оставиле да омекне на собна температура. Со блендерот најпрво измиксајте го јајцето, а потоа полека зафаќајте го и путерот додека целосно да го инкорпорирате во смесата.
На крај треба да добиете фина, мазна полутелна зелена смеса. Додајте 220 г просеано брашно помешано со 7 г прашок за печиво. Овојпат не ви е потребен блендерот, туку лажица или шпатула.
Внимателно мешајте додека брашното да ја впие течноста. Пред крајот додајте 40 г чоколадни капки (чоколаден чипс) и продолжете со мешање додека да се изедначи смесата. Можете веднаш да формирате колачи, но најдобро е тестото да го оставите 15-30 минути во фрижидер за да се стегне.
Плехот од рерна обложете го со хартија за печење, а рацете малку намастете ги со масло за да можете полесно да работите со тестото. Откинувајте мали парчиња и формирајте топчиња со големина на орев, малку сплескани.
Колачите редете ги врз обложениот плех, на соодветно растојание. Доколку сакате можете дополнително одозгора да ги декорирате со по неколку чоколадни капки кои треба да ги втиснете во тестото. Колачите печете ги во загреана рерна на 180 степени 15-тина минути. Многу се вкусни и мирисни.