I РЕЦЕПТ на Сара од Мои Домашни Рецепти – Брз и едноставен колач со портокали кој освен што е лесен и декоративен, има одличен освежителен цитрусен вкус, кој ќе ги задоволи и најделикатните вкусови. Во продолжение ќе можете да го проследите и вториот рецепт на Сара за приготвување на колач со вкус на јаболка.
Брзи и вкусни колачиња готови за 10 минути. Се прават многу лесно и брзо, а доколку дома немате ништо благо, ова е идеалниот рецепт за вас. Колачињата се многу лесни и заситуваат, а имаат неверојатен шмек на портокал. Интересно што се потопени во прелив од портокал па затоа се и толку многу сочни.
Потребни состојки: 80 г бело чоколадо за готвење, 200 мл млеко, 200 г мелени бисквити. За преливот од портокал: 2 супени лажици шеќер, 2 супени лажици густин (нишесте), кокос по желба (или чоколадни трошки).
Подготовка: Во сад на пареа или директно во тенџере ставете го белото чоколадо и млекото. Гответе на средна температура додека чоколадото да се растопи и добиете прелив од бело чоколадо. Потоа тргнете го преливот од рингла и додека е сè уште врел, додадете го во сад со претходно измелени бисквити.
Измешајте ја смесата и соединете ги сите состојки. Потребно е да добиете густа форма слична на тесто. Потоа во тава формирајте неколку топчиња од смесата. Топчињата треба да бидат со средна големина, а во тавата да бидат малку оддалечени едни од други.
Оставете ги малку настрана да се стврднат, а во меѓувреме подгответе го преливот од портокал. Во тенџере додадете го свежо исцедениот сок од портокал процеден преку цедалка. Потоа додадете го шеќерот и густинот и добро соединете ги состојките со маталка.
Ставете го тенџерето на оган и мешајте постојано додека кремот да згусне. Потоа вака подготвената смеса полијте ја врз топчињата од бисквити и бело чоколадо. Кремот од портокал распоредете го еднакво низ целата тава, а највкусно е кога се растекува помеѓу колачињата.
Одозгора наросете ги колачињата со малку кокос или чоколадни трошки по желба и оставете ги да се изладат на собна температура. После неколку минути, колачињата послужете ги на трпезата. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.
II рецепт: 2 јаболка и 10 минути време за овие брзи колачиња кои цел свет ги обожава. Рецепт и видео презентација на Сара од Мои Домашни Рецепти.
Потребни состојки: 2 јаболка, 2 супени лажици шеќер, 250 г мелени бисквити. За прелив: 400 мл млеко, 2 супени лажици шеќер, 1 ќесичка ванилин шеќер, 2 супени лажици густин (нишесте), чоколадни трошки.
Подготовка: Во сад изрендајте ги јаболката и додадете 2 лажици шеќер. Измешајте, а потоа смесата пренесете ја во тавче на средна температура и пржете додека јаболката почнат да го испуштаат својот сок. Кога смесата ќе омекне тргнете од оган и префлете ја во садот каде претходно ја подготвувавте.
Кога малку ќе се подизлади, додадете ги мелените бисквити и мешајте додека да добиете густа смеса, како тесто. Како со претходниот рецепт, во тава формирајте неколку топчиња од тестото и наредете ги едно до друго со малку простор меѓу нив.
Оставете ги на собна температура да се стврднат, а во меѓувреме подгответе го преливот. Во тенџере на оган ставете го млекото, шеќерот, ванилиниот шеќер и густинот и мешајте се додека да добиете густа смеса како пудинг.
Потоа, таа смеса полијте ја врз веќе формираните колачиња и распоредете подеднакво низ целата тава. Наросете со чоколадни мрвици врз колачињата и оставете ги да го впијат пудингот околу 10 минути. Потоа послужете и уживајте. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ. Текстот за НМД.мк го напиша Мартина Христовска.
Ако случајно сте го пропуштиле и третиот рецепт на Сара за брзиот колач со банани и бисквити, побарајте го на линкот ОВДЕ. Овој колач на многумина им беше фаворитен, па не го пропуштајте ниту вие. Едноставен и брз, се приготвува за 10 минути…