Мелатонинот е хормон кој се лачи во епифизната жлезда во текот на ноќта. Светлината е „сигнал“ што управува со овој хормон. Кога стимулот на светлина ќе стигне до мрежницата во окото, сигналот се пренесува на епифизата и не го стимулира лачењето на хормонот.

Напротив, темнината го стимулира лачењето на мелатонин и всушност тој се лачи кога сонцето ќе зајде и ќе настапи темнината. Мелатонинот го регулира циклусот на спиење и будење што го следи деноноќниот ритам создавајќи седативно дејство. Мелатонинот, исто така, помага во лачење на други хормони во организмот како што се: серотонин и допамин.

Мелатонинот започнува да се стимулира веднаш по заоѓањето на сонцето, а во најголема количина го има во текот на ноќта, додека по изгревањето на сонцето во утринските часови неговото количество се намалува. Затоа во зимските месеци ни се приспива многу порано отколку во летните.

Но, карактеристиките на оваа супстанција ја разликуваат од сите други хормони што ги произведува нашето тело. Вистина е дека мелатонинот е хормон кој се лачи главно од епифизата, но важно е да се каже дека и други жлезди придонесуваат за неговото производство, како што се хипофизата, тироидната жлезда, надбубрежните жлезди, мрежницата и мукозните мембрани.

Понатаму, ако се отстрани епифизата, мелатонинот не би исчезнал, како што се случува кога се отстрануваат други ендокрини жлезди кои лачат хормони. Оваа супстанција сè уште се произведува врз основа на алтернација на светлина и  темнина. Затоа е јасно дека неговиот недостаток може да предизвика несоница.

Бебињата имаат многу ниско ниво на мелатонин, толку многу што тешко можат да препознаат ден и ноќ. Овој хормон почнува да се произведува континуирано само по созревањето на епифизата, односно околу третата година, кога детскиот сон е нормализиран.

Во зрелоста, започнува неповратен процес на калцификација на епифизата, што за возврат се намалува лачењето на хормонот, како и часовите на спиење. Внесување на мелатонин преку исхрана и суплементи е особено корисно кај синдромот на одложена фаза на спиење или за оние луѓе кои обично се будни во текот на целата вечер.

Некои нарушувања поврзани со несоницата зависат од фазното поместување на циклусот на лачење на мелатонин. Во овие случаи, важно е да контактирате со лекар специјалист кој обично го принудува пациентот да води „дневник за спиење“ за да ја разбере и интерпретира „фазната смена“ на секрецијата на хормонот.

Мелатинот најчесто се зема во вид на суплемент, но неговиот стимул може да го потикнеме и преку одредена исхрана. Новите научни истражувања ја истакнуваат антиоксидантната и антиканцерогената улога на мелатонинот.

Згора на сето тоа, се чини дека оваа супстанцијаа може да намали многу несакани ефекти на лековите што обично се користат во третманот на рак. Пропишан како додаток за подобрување на квалитетот на спиењето, мелатонинот може да го најдете во аптеките или продавниците со билки во форма на таблети, сирупи, билни чаеви или во форма на спреј.

Меѓу различните видови на пазарот, подобро е да се избере чист мелатонин, односно оној што не е поврзан со витамини или други растителни екстракти.

Мелатонинот, сепак, не предизвикува ненадејно зголемување на поспаност, туку општо забавување на различните функции на телото што предиспонира за добро спиење во текот на ноќта.

Постојат неколку природни состојки кои го стимулираат лачењето на мелатонин и ќе ви помогнат во брзо и лесно заспивање како и квалитетен сон во текот на ноќта.

Американскиот д-р Кристофер Винтер советува: ,,Земањето на мелатонин во форма на суплементи не е најсигурното решение во борбата против несоница. Наместо тоа, консумирајте храна која изобилува со мелатонин.

Светлината, која доаѓа од сонцето или компјутерските екрани го забавува процесот на стимулирање на мелатонин. Еден час пред да заспиете, времето не го поминувајте пред компјутерските екрани, туку заменете го со читање на некоја книга или списание.”

Исто така пиењето на алкохол и кафе го забавува процесот на заспивање. Кофеинот може да се задржи во организмот дури 10 часа откога сте го испиле.

Ореви

Покрај тоа што содржат високи нивоа на триптофан, аминокиселината која помага при производство на мелатонин, оревите имаат и висока концентрација на готов облик на мелатонин. Изедете 3 – ореви со мед и чаша топло млеко пред спиење и со сигурност ќе добиете наплив од мелатонин.

Овес

Иако повеќето од нас користат овес во форма на овесна каша за појадок, овесот е идеален и за вечера. Овесот е одличен природен извор на мелатонин и има можност да го регулира нашиот внатрешен биолошки часовник. Оваа храна е исто така природен извор на триптамин, особено кога се комбинира со млеко.

Покрај тоа, овесот е богат со калциум, магнезиум и минерали за кои е утврдено дека имаат позитивно влијание врз квалитетот на сонот.

Цреши

Докажано е дека црешите предизвикуваат зголемена секреција на мелатонин што го олеснува спиењето. Американска студија открива дека оние кои испиле чаша сок од цреша двапати на ден за две недели, го продолжиле времето на спиење за 84 минути, во споредба со оние кои не пиеле сок од цреша.

Банани

Бананите, покрај минерали и витамини како магнезиум и калиум, чија улога е да ги релаксираат мускулите и да обезбедат нивно правилно функционирање, го содржат и веќе споменатиот триптамин, што ги прави уште повеќе добра храна во борбата против несоницата.

Интересни се и резултатите од неодамнешното истражување на Универзитетот во Нова Англија, кое покажа дека земањето на една банана пред спиење може да им помогне дури и на луѓето кои страдаат од апнеја.

Според ова истражување, состојките од банана спречуваат стеснување на дишните патишта за време на спиењето, со што се намалува ризикот од дишење на уста. Покрај оваа храна, мелатонинот е достапен и во пченката, доматите, оризот, морковите, ротквиците и смоквите. Текстот за НМД.мк го напиша Мартина Христовска.