Говорот се учи низ игра
Пред некој ден, едно дете со кое работам ме потсети зошто е убаво да си дете – безгрижно, среќно и во светот на мечтите. Додека цртавме зеленчук, со сериозен глас ми рече: „Тета Недо, оваа твоја краставица е кисела“. Јас помалку се зачудив, па го прашав: „А како знаеш дека е кисела?“ „Па зар не чувствуваш како мириса?“- ми одговори.
Кога ќе се нурнете во детскиот свет на мечтите, секој од нас би можел да почувствува мириси, вкусови, бои и да види нешто што можеби го нема во реалниот свет.
Зошто сето ова го пишувам? Се чини дека во денешно време, кога современото темпо на живот е забрзан и родителите се преоптоварени со работа и се’ потешко пронаоѓаат време за заеднички семејни моменти. Од друга страна, се забележува дека се’ поголем број деца кои подоцна прозборуваат, имаат сиромашен речник и неправилно ги изговараат гласовите.
Ајде да се запрашаме, што може да направиме за да му овозможиме на детето да расте во поттикнувачко опкружување за развој на говорот! Постојат многу можности во секојдневните ситуации кои создаваат позитивна клима во која детето брзо и лесно ќе напредува.
За почеток, потребно е да одвоите доволно време за своите деца. Децата го учат говорот додека слушаат, гледаат, истражуваат, имитираат, одговараат, играат и имаат интеракција со другите. Затоа е важно да се пронајде време кое ќе му се посвети само на детето, оставајќи ги на страна сите други обврски и активности. Бидејќи децата најлесно учат низ игра, важно е да се спуштите на нивно ниво, да може јасно да ви го види лицето и слушне гласот одржувајќи контакт со погледот.
Коментирајте го она што го работи детето, со што си игра, а кога ќе каже некој збор, повторувајте го и проширете во реченица. Не поставувајте често прашања од типот „Кој е тоа?“, „Што е тоа?“, туку наместо тоа обратете внимание на она што детето го прави и разговарајте за тоа. Користете кратки, едноставни реченици за кои сте сигурни дека ги разбираат.
За да почне детето да користи одреден збор потребно е истиот да го слушне повеќепати во различни ситуации, повторувајте го зборот којшто детето го кажало со тоа што ќе додавате нови зборови вие му помагате да детето да ги проширува речениците. Кога сакате нешто детето да направи, дајте му јасно упатство.
Било која секојдневна ситуација може да биде корисна за учење на нови зборови и јакнење на социјалните вештини. Објаснувајте му го на детето сето она што ќе го види, слушне, почувствува… притоа, прилагодувајте го своето ниво на јазик, водејќи сметка дека треба да му се обраќате на јасен, правилен изговор, без употреба на „бебласт“ говор, со оставање на доволно време за одговор.
Кај помладите деца пожелно е да се користи говорот на телото и гестикулации, па со време да се „преведува“ во зборови. Одете заедно на пазарење, разговарајте за артиклите во продавницата, дозволете му на детето само да пронајде некој одреден артикал, разговарајте за што служи… на тезгите во пазарот разгледувајте го овошјето, зеленчукот … нема подобар начин за учење на нови зборови од „живи“ ситуации.
Заедно читајте, разгледувајте книги, сликовници, раскажувајте приказни, учете песнички. Додека готвите вклучете го и детето, направете заедно некој колач, разговарајте за рецептот, состојките, објаснете што работите…
Охрабрете го детето со топол глас, наградете ги новите зборови со одобрување и пофалба. Играјте различни улоги, низ нив децата ја развиваат својата фантазија, го збогатуваат речникот и учат социјални вештини. СЕКОГАШ имајте доволно време да одговорите на љубопитните детски прашања.
Не можам а да не ја споменам веќе „озлогласената“ тема за гледање на ТВ, претпоставувам дека не е потребно да повторувам дека е потребно да се сведе на најмала можна мера со контролирана содржина. Истражувањата покажуваат дека децата кои на рана возраст поминуваат многу време пред телевизор, подоцна може да имаат потешкотии со концентрацијата.
Овој вид на „забава“ не го охрабрува детето на било каков вид на интеракција. Децата кои се’ уште користат цуцла, шишенце или го цицаат прстот, потребно е да се одвикнат од тие навики кои можат да доведат до задоцнет развој на говорот и бројни неправилности при изговор на гласовите.
Не заборавајте на правилната и редовна хигиена на забите и усната шуплина. Значи, нема волшебно стапче кога станува станува збор за говорот и јазикот кај децата.
Секое дете се развива индивидуално, на некое му е потребно малку повеќе време, а има некои деца кои по природа се зборливи и оние кои се молчаливи, а на сите им е заедничко тоа што растат благодарение на вашата љубов.
Играјте со вашето дете, дозволете му тоа да ве одведе во светот на мечтите од почетокот на оваа приказна… а ако некој од некоја причина се грижи поради развојот на говорот кај вашето дете, обратете се на логопед 🙂
Логопед, Неда Бијелиќ