Рецепт и видео презентација на Санела од Аријевата кујна. Поздрав до сите, се надевам дека сите сте добри и здрави заедно со вашите сакани. Ако ги сакате сникерс чоколатцата и колачите со кикирики, тогаш оваа торта сигурно многу ќе ви се допадне.
Целата е мека и кремаста, не е премногу слатка а многу е вкусна, а ако ги сакате карамелот и кикириките, тогаш препорачувам да ја пробате. Се надевам ќе ви се допадне. Потребни состојки: 6 белки, 1 прстофат сол, 1 лажичка лимонов сок, 150 г шеќер, 250 г мелени, печени, несолени кикирики, 2 лажици какао во прав.
За карамелен фил: 100 г шеќер, 3 лажици вода, 100 г печени, сечкани, несолени кикирики, 100 г путер, 2 лажици слатка павлака, 1 жолчка и 2 ванилин шеќер. За фил 2: 5 жолчки, 100 г шеќер, 100 г растопени сникерс чоколади, 1 лажица слатка павлака, 100 г омекнат путер, 250 г омекнат маскарпоне сирење.
За декорација: 1 шлаг крем, 150 мл газирана вода или млеко, или изматена слатка павлака како шлаг, 100 г чоколадо со топен лешник. По желба се декорира со сечкани сникерс чоколатца. За висока торта ќе ви биде потребен калап 20 см, а за пониска 23 см.
Корите се печат во претходно загреана рерна на 180 степени со вентилатор или на 200 без вентилатор, 10 до 13 минути. Постапка: Вкупно ви се потребни 500 г кикирики во лушпа или 350 г непечени, излупени кикирики. Ставете ги во тепсија и испечете 7-10 минути во загреана рерна на 200 степени.
Оставете ги да изладат. Од нив 250 г потребни се за корите (мелени), а 100 г за филот (сечкани). Исцртајте кругови од хартија за печење со пречник од 20 см. Ќе се прават 4 кори. Во белките додадете прстофат сол и лимонов сок , па изматете ги со миксер додека да запенат.
Потоа постепено додадете го шеќерот и матете додека целосно да се растопи и да се добие цврст снег. Во мелените кикирики додадете две лажици какао во прав и промешајте, па смесата додадете ја во снегот од белки. Промешајте внимателно со шпатула или лажица за да остане смесата воздушеста.
Смесата поделете ја на 4 дела и рамномерно распоредете ја врз исцртаните кругови. Корите се печат во загреана рерна на 200 степени (без вентилатор) или на 180 степени (со вентилатор) околу 10-13 минути. Додека се топли корите само малку со шпатулата внимателно одлепете ги од хартијата, за кога ќе излезат полесно да се одвојат.
За фил: Со жица изматете пет жолчки со 100 г шеќер и сварете ги на пареа додека да се згуснат, 7-10 минути. Оставете да излади. На пареа растопете 100 г сечкано сникерс чоколадо со една лажица слатка павлака. Растопеното чоколадо процедете го и додадете го во жолчките.
Кикириките што ќе останат во цедалката сочувајте ги за другиот фил. Жолчките промешајте ги со чоколадото и добиениот крем оставете го целосно да излади. За карамел: Една жолчка промешајте со 2 кесички ванилин шеќер, па и ова оставете го на страна.
На оган ставете 100 г шеќер со 3 лажици вода, промешајте и оставете да врие додека да се добие сируп со карамел боја. Додадете ги сечканите кикирики и промешајте за да се соединат со карамелот. Додадете го путерот и исклучете го огнот. Промешајте убаво за да се изедначат состојките.
Потоа додадете две лажици слатка павлака и уште еднаш промешајте. Во овој момент додадете ја разматената жолчка и мешајте уште приближно 15 секунди додека да се формира карамел-кремот. Додадете ги и кикириките што останаа од сникерс чоколадото.
Редење: Во калап со обрач и обложен со проѕирна фолија, ставете една кора, па нанесете го кремот од кикирики и рамномерно распоредете го. Оставете го во фрижидер 15-тина минути додека кремот целосно да излади и да се стегне. Кремот со жолчките изматете ги со миксер за да станат воздушести.
На страна соединете ги путерот и маскарпонето, добро изматете ги со миксерот додека стане смесата кремозна. Потоа додадете го кремот од жолчки и изматете само неколку секунди колку да се соединат. Од овој фил нанесете многу тенок слој врз карамел кремот па ставете нова кора.
Повторете ја постапката додека да ви се потроши целиот фил и кори. На крај тортата оставете ја најмалку два часа во фрижидер, а потоа извадете го обрачот и фолијата, па можете да ја декорирате. Сите детали од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.