Одвојте време за молитва, бидејќи времето за молитва значи и време за нашата душа.

Голема Богородица или Успение на Пресвета Богородица е еден од најголемите христијански празници. Овој празник е спомен за смртта на Богородица и Македонската Православна Црква и верниците го прославуваат на 28.август кога се завршува постот од 14 дена.

Успението на Пресвета Богородица е ден кога Таа се вознесе на небото и го предаде својот дух во рацете на Спасителот. Преданието вели дека Богородица живеела 60 години, а според некои извори 72, дека го надживеала својот син и како сведок на бројни славни настани, ја продолжила неговата мисија.

Во Светото писмо нема податоци за крајот на земниот живот на Богородица. Според преданијата и списите кои немаат свет карактер, се смета дека Мајката Божја до крајот на својот живот, после смртта и воскресението на Христос, живеела во Ерусалим, опкружена со вниманието на апостолите и првата христијанска заедница.

На иконите овој празник најчесто се прикажува така што се икоопишува постелата на која лежи Богородица со прекстени раце на градите. Од двете страни има свеќници со запалени свеќи. Покрај нозете на Богородица е Св.Петар кој кади со кандилче, а покрај главата се светите апостоли Павле и Јован.

Присутни се и големите христијански писатели светите Дионисиј Ареопагит, Иротеј и Тимотеј кои го држат Евангелието; а тука се и жените кои плачат. Над Богородица е Исус кој ја држи душата на Богородица во вид на дете, опкружено со светлина и ангели.

Бидејќи на празникот му претстои двоседмичен пост, на 28 август особено жените одат да се причестат, затоа што овој ден се смета за празник на жените и мајките.

Како светителка, мајка и жена, таа единствено ја разбира душата на секоја жена. Кај народот постои верување дека Голема Богородица ја разбира женската мисла, болка и патење. Поради тоа, се смета дека оваа светителка и простува.

Во некои краеви се смета дека периодот помеѓу Големата и малата Богородица (21.септември), е најдобро да се берат лековитите билки со кои се лекуваат разни болести.

На Голема Богородица одвојте малку време за молитва, бидејќи тоа е единственото време кога и’ се посветуваме директно на нашата душа.

МОЛИТВА КОН ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Ја воспевам Твојата милост, Богородице, Ти се молам да го просветиш мојот ум. Научи ме да одам право по патот на Христовите заповеди.

Окрепи ме за да бидам силен во песната што го прогонува сонот на очајанието. Со Твоите молитви, Богоневесто, одврзи ме од синџирите на гневот. Чувај ме дење и ноќе, прогонувајќи ги непријателите што ме напаѓаат.

Ти, Која си Го родила Дарителот на животот, оживи ме мене, умртвениот од страстите. Ти, Која си ја ро­дила светлината што не заоѓа, просвети ја мојата ослепена душа.

О, пречудна Палато на Господа, направи ме да бидам дом на божествениот Дух! Ти, Која си Го родила Лекарот, излекувај ги многугодишните страсти на мојата душа.

Јас сум понесен од брановите на животната бура. Ти се молам, Мајко Божја, да ме насочиш кон патот на по­кајанието. Избави ме од вечниот оган и од лошиот пеколен црвец.

Не дозволувај да станам радост на бесовите, зашто сум вино­вен за многу гревови. О, Пречиста Мајко, об­нови ме мене пропаднатиот, поради моите безбројни гревови!

Помогни ми и моли Го Господарот на сите да отстрани од мене секаква мака. Удостој ме да ја добијам небеската радост со сите светии, Пресвета Дево, послушај го гласот на Твојот недо­стоен слуга.

Давај ми, Пречиста Дево, поток од солзи и измиј ја нечистотијата од мојата душа. Непрекидно Ти принесувам срдечни воздишки – биди милостива, Владичице! Прими ја мојата молитва и принеси ја на милосрдниот Бог.

Ти, повисока од ангелите, помогни ми да се издигнам над светските работи. Светоносна небеска Сенице, осени ме со духовна благодат.

Кревам раце, Пречиста, и ги отворам моите осквернавени усти, за да Те прославам. Избави ме од душепогубни беди и моли Го сесрдно Христа, Кому припаѓа чест и поклонување, сега, секогаш и во вечни векови. Амин.