Чувството на вина при јадење калорична и масна храна или поради пропуштен тренинг, е типичен симптом на орторексичарите.
Настојувањето за здрава исхрана и редовно вежбање е секако вредно и за пофалба, но желбата за здраво живеење може да премине во крајност и да стане опсесија. Се’ започнува многу наивно кај лицето со желба да се храни здраво поради слабеење или поради превенција од болести.
Но, ако некој стане преокупиран со приготвувањето на менито и тоа за неколку дена однапред, ако храната што ќе ја изеде му претставува примарна работа во неговиот живот, и кога со тоа му се исполнети мислите поголемиот дел од денот, тогаш и при најмала отстапка од предвиденото доаѓа до лавина од чувства на вина. Тогаш, работите се вон контрола.
Желбата за здрава исхрана се претвора во орторексија. Орторексичарите сакаат да се хранат само со биолошки исправна и здрава храна без пестициди, хербициди и додатоци како што се конзервансите. Таквиот начин на исхрана станува нездрав во моментот кога сето останато станува помалку важно од креирањето здраво мени. Се јавува чувство на супериорност над луѓето кои поинаку се хранат и го јадат она што им е вкусно, не грижејќи се многу за здравјето.
КАКО РАЗМИСЛУВА ЕДЕН ОРТОРЕКСИЧАР?
Чувството на вина кога ќе изеде нешто непланирано (помалку здраво, нездраво, калорично и масно), сомнежот поради храната на која не и го знае потеклото и силното чувство на вина поради пропуштениот тренинг, се типичните карактерни црти на орторексичарите.
Пореметувањето познато како ortorexia nervosa за прв пат е дефинирано во 1997. година, од страна на докторот Steven Bratman, специјалист за алтернативна медицина. Лекарите предупредуваат дека опсесијата со здрава храна е опасна, затоа што при екстремна опседнатост често се јавува губиток на тежина и потхранетост.
Но, орторексијата често е само извор на психолошки стрес, а не и физичка опасност, смета др.Bratman. Орторексијата може да доведе до пореметување во исхраната кога ќе започне да влијае врз социјалниот живот на лицето кое поставува задачи пред себе и правила за својот начин на исхрана.
Намалувањето на социјалните контакти поради тесниот избор на храна (пропуштање на нездрави ручеци, вечери и општо дружење) е главната и основна насока во поставувањето дијагноза за ова пореметување, со чувство на супериорност над оние кои не знаат или не сакаат да знаат што е за нив добро.
ИМАЈТЕ МЕРКА!
Многумина од нас, во желба за подобар и поздрав изглед, започнуваме да исфрламе некои намирници од исхраната или да спроведуваме некои диети. Нутриционистите препорачуваат при разните диети да се обрне особено внимание, и да не се исфрла целосно ниедна намирница.
Уживајте во оброците во нормални граници и количини бидејќи сепак диетата е само оружје со кое полесно ќе стигнете до целта, поздраво тело и ум, но на крајот сепак е многу важна и долгорочната последица.
Според истражувањето кое го спроведува Европската агенција за сигурност на прехранбените производи (EFSA), во 2010.година 47% од европјаните стравувале дека ќе се разболат од храната која ќе ја консумираат, што е повеќе од оние 34% од луѓето кои стравувале од сообраќајни несреќи. Според истата анкета, 24% од европјаните го проверуваат бројот на калории и хранливите состојки во храната што ја јадат.
ЗАВИСНОСТ ОД ВЕЖБАЊЕ
Освен од суперздравата храна, орторексичарите се зависни и од вежбањето.
1.Зависноста од вежбање е иста зависност како и од други работи. Подразбира претерување во количината и интензитетот на тренингот.
2.Зависноста од вежбање обично ги погодува спортистите кои се изразено мотивирани, па мислат дека со повеќе тренинзи ќе постигнат подобри резултати, а не му оставаат на организмот доволно време да се адаптира на оптеретувањето кое го направило тренингот и не му оставаат доволно време за одмор и регенерација за следниот тренинг.
Истата работа може да се случи и со рекреативците кои на ист начин тренираат, а имаат друга цел, на пр.да ослабат во краток временски период, па често големата доза тренинзи ја комбинираат со многу ригорозни диети, што доведува до многу тешки последици. Освен падот на физичките способности, големи се и психолошките последици како: нервоза, тегоби, незадоволство и сл.
3.За разлика од зависностите од алкохол и дрога, сепак зависноста од вежбање може да биде и позитивна во одредена мерка. За време и после вежбањето се излачува ендорфин (хормон за расположение), а после тренингот дополнително се зголемува снагата поради зголемениот тестостерон. Поради тоа, на некој начин, сите што вежбаат се зависници од тие хормони. Покрај тоа, човекот што вежба од себеси ги исфрла натрупаниот бес и стрес, што му помага во секојдневниот семеен и работен живот. Да не говориме пак за здравствените бенефити кои се главната цел на тренинзите.
За зависноста од вежбањето може да се гледа и како на позитивна зависност.
4.Препорачано вежбање: секојдневно, планирано. Не може секој ден да се вежба исфорсирано, туку треба да се менуваат тренинзите со помал и посилен интензитет. Исто така, треба да се консумираат различни активности, на пример, тренинг за издржливост (трчање, пливање, велосипед), со тренинзи со отпор (тегови, сопствено тело). Најважен е континуитетот.
Подобро е да се оди скала по скала отколку да се прескокнуваат две па назад три.
КАКО ДА СЕ ПРЕПОЗНАЕ ОРТОРЕКСИЧАР?
Ако потврдно одговорите на четири или повеќе прашања, можно е да сте орторексичар:
1.Поминувате повеќе од три часа размислувајќи за здравата исхрана?
2.Ги планирате оброците неколку дена однапред?
3.Дали нутритивната вредност на оброкот ви е поважна од уживањето во истиот?
4.Дали сте забележале дека квалитетот на животот ви се променил откако сте го измениле квалитетот на исхраната?
5.Дали сте построги во изборот на храната која ја јадете?
6.Дали се одрековте од храната во која порано уживавте само за да консумирате „вистинска“ храна?
7.Дали консумирањето здрава храна ви ја зголеми самодовербата?
8.Чувствувате ли вина кога ќе изедете нешто вон вашето мени?
9.Дали вашиот начин на исхрана ве изолира од социјалниот живот?
10.Чувствувате ли целосен мир и контрола врз себеси кога здраво се храните?