Нема ништо поубаво од домашна пита, па уште и топла. Денес ќе ви го откриеме турскиот рецепт презентиран од Зелиха, кој сто години се чувал во тајност. Ако го направите тестото на овој начин, ќе добиете првокласна бурек-пита чии тенки кори се разлистуваат една од друга, а сите ќе мислат дека сте професионален бурекчија, иако можеби првпат влегувате во кујна.
Всушност, тестото се замесува само од брашно и вода, но тајната е во неговото одморање во мешавина од путер и масло, на еден посебен начин. После тоа, само што ќе го допpете тестото тоа самото се тегне без да се кине, толку е тенко, што речиси е целосно прозирно.
Питата можете да ја филувате со сирење, месо, нешто зелено, овошје или нешто по ваш вкус, но многу е вкусна ако ја оставите и празна. Може да се јаде солена или слатка, ако ја наросите со шеќер во прав. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3 чаши вода (600 мл), 1 лажичка сол (8 г), 7 чаши брашно (700 г). Брашното се додава постепено, па неговата количина може да варира. И уште ќе ви биде потребно: 125 г грама путер и половина филџан масло за готвење (50 мл)
ПОСТАПКА: Во подлабок сад ставете ја водата и додајте ја солта. Промешајте за да се раствори солта, па започнете постепено да го додавате брашното. Мешајте со лажица додека да ја впие водата, а кога ќе стане компактно, замесете со рака. Штом почне да се одвојува од ѕидовите на садот и да не се лепи за рака, истресете го на малку набрашнета работна површина.
Доработете го за да стане еластично, за што е потребно да го месите уште 2-3 или 5 минути (зависи од „фатот“). Треба да биде средно меко, но да не се лепи за рака. Обликувајте топка и покријте го со кеса или проѕирна-стреч фолија. Нека одмори вака 20-тина минути на собна температура.
Потоа поделете го на 8 приближно еднакви делови. Малку наросете брашно (прстофат), па од секое парче тесто обликувајте топче. Повторно малку наросете брашно на работната површина и со помош на оклагија развлечете ги топчињата во кори со величина на плитка чинија (25 см).
Путерот растопете го и помешајте го со маслото, па со мешавината намастете ја тепсијата. Секоја коричка што ќе ја наредите добро намастете ја со кујнска четка. Покријте ги со кеса и оставете ги потопени во мешавината да отстојат еден час на собна температура.
По изминатото време секое од тестата е толку многу еластично што само што ќе го фатите тоа самото се тегне. За да добиете што потенка кора потребно е да имате убава работна површина, маса, на која ќе го развлекувате тестото од сите страни.
Штом ја развлечете кората, поткинете го крајот како врвка за да нема дебели делови, па здиплете ја со преклопување како писмо (погледни видео), според величината на плехот во кој ќе се пече, а после секое диплење наросувајте со малку од мешавината путер-масло.
Редете ги корите една врз друга, па питата ставете ја да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени додека да добие златнокафеава боичка. Печената пита превртете ја даска обложена со хартија и може веднаш да се јаде, додека е топла, зашто не содржи квасец. Деталите од презентацијата погледнете ги ОВДЕ.