Оваа мераклиска салатата се подготвува од разни зеленчуци, а ни го откри Валентина која вели дека рецептот доаѓа од нејзиниот крај и се нарекува „Ловечка салата“. Нема ништо повкусно, полесно и поекономично од оваа салата. Во зима треба да јадеме многу витамини, особено од зеленчуците кои ни се на дофат уште кратко време.




Дали ајварче, пинџур, лутеница, секогаш имам по неколку тегли складирано за зима, но ловечката салата ми е врв специјалитет, која ја имам секоја зима. Нема година, да не пројдеме со неа. Ловечката салата ме потсетува на ајвар или пинџур, но сепак ми е повкусна од двете заедно.




Во продолжение може да го прочитате рецептот за ловечка салата која се подготвува без конзерванси и без винобран, а секако се врши пастеризација за зимницата да трае подолго. Еве што е потребно за ловечката салата:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 кг сок од домати, 500 г кромид, 500 г моркови, 100 мл вински оцет, 300 мл масло, 2 лажици шеќер, 4 лажици сол (може да се стави и повеќе по вкус), 1,5 кг пиперки, 300 г лути пиперки (по вкус), 2 кг испечен модар патлиџан, 1,5 кг црвен домат испечен, 3 главици лук, 1 китка магдонос, црн пипер и ловоров лист за арома.




ПОСТАПКА: Најпрво 2 кг модри патлиџани исечете ги на половина и наредете ги во плех од рерна, обложен со хартија за печење. Ако има место во плехот ставете и 1,5 кг црвени домати, во спротивно, испечете ги во посебен плех. Зеленчукот се пече на 200 степени, околу 25 минути.




Во меѓувреме, во блендер ставете добро измиени домати (2 кг) и од нив исцедете иста количина на сок. Подгответе си неколку тегли кои треба да бидат чисти и да имаат соодветен и здрав капак, каде што ќе ја складирате зимницата.




Во поголемо тенџере кое е погодно за индукциско готвење или обичен шпорет ставете го доматниот сок од 2 кг. Испечениот зеленчук излупете го и префрлете го во сад со цедалка за да се исцеди од течностите кои ќе ги испушти.




Црвениот кромид изрендајте го на крупната страна од рендето или ставете го во „сечко“, па додајте го во тенџерето со доматен сос. Зачинете со 2 полни лажици шеќер, 2 лажици сол, а потоа по сопствен вкус може да додадете повеќе. Додајте 100 мл вински оцет и 200 мл масло, па промешајте.




Во тенџерето додајте 2-3 ловорови листови и малку црн пипер во зрна за вкус. Излупете и исечкајте ги морковите на покрупни кругови, па додајте ги во тенџерето. Потоа вклучете ја рерната да готви на тивок оган. За тоа време, исечкајте ја пиперката на ситни коцки, па по половина час готвење, додајте ја во тенџерето, кое треба повремено да го промешувате со дрвена лажица.

Магдоносот измијте го под млаз ладна вода, па потоа оставете да се суши на крпа, минимум половина час. Потоа исечкајте го на ситно, да биде спремно за додавање во салатата. Модриот патлиџан кој се исцедил од течностите, исечкајте го на покрупни парчиња.

Според рецептот од нашите краишта, не се препорачува модриот патлиџан да се сечка на многу ситно, бидејќи во тој случај ќе излезе како ајвар. На истиот начин се постапува и со испечениот домат. Подгответе и сами уверете се колку е вкусно, по овој рецепт.




Кога пиперката ќе омекне после 20-30 минути, додајте го модриот патлиџан и доматот. Салатата сега ќе почне да добива на густина, така што ќе мора да бидете присутни повремено да ја промешувате и намалете ја температурата. После половина час готвење, извадете ги ловоровите листови.

Додајте го крупно исечканиот лук, додајте го и магдоносот. Гответе уште 5 минути, со повремено мешање, па потоа складирајте ја во тегли ловечката салата. Јас по мој вкус додадов уште 2 лажици сол и уште 200 мл масло (вкупно 300 мл). Салатата оставете ја неколку минути да се олади пред да ја складирате во теглите.




Јас си подготвив 8 тегли за складирање. Салатата распоределете ја подеднакво во сите тегли, па затворете ги со соодветниот капак. За пастеризација: Во тенџере кое на дното е обложено со крпа, наредете ги теглите и дополнете со млака вода (да не стигнува до капаците на теглите).

Ставете на оган да зоврие, а потоа намалете ја температурата на умерено или тивко, колку да „струи“ во следните 35-40  минути (прво 15 минути на средна температура, па уште 20-25 минути на пониска температура).

Теглите се оставете ги да се оладат во тенџерето, а потоа складирајте ги на ладно и темно место. Најдобро е да отстојат уште 24 часа пред првото отворање. Се послужува како гарнир на секое јадење. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.