Нашите баби редовно месеа тесто и беа вистински мајсторки во кујната. Правеа пити од тегнати или cyкани кори, зелници, мазници, сеченици, топеници… Се чини дека некои од рецептите на нашите баби се подзаборавени и ретко се приготвуваат. Македонската топеница е една од нив…
Станува збор за превкусна пита-леб или според некои погача, која се приготвува од комбинација на бело пченично и жолто, пченкарно брашно. Топеницата е мека како памук, а доколку некој го види само пресекот и не го прочита рецептот, сигурно ќе си помисли дека станува збор за некоја торта. Еве што ви е потребно (рецепт на Ноне):
РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА КАЛАП 26 СМ (за бело тесто): 300 г брашно (тип 400), 1/2 кесичка сув квасец (5 г), 1 мала лажичка шеќер, 1 мала лажичка сол, 3 супени лажици јогурт, 1 супена лажица масло, 150 мл млака вода.
ЗА ЖОЛТО ТЕСТО: 300 г пченкарно брашно, 1/2 кесичка сув квасец (5 г), 3 лажици јогурт, 2 лажици масло, 1 лажичка шеќер, 1 лажичка сол, 1 јајце, 300-350 мл млака вода и масло за премачкување на корите. ЗА ФИЛ ( не мора): ситно сирење или рендан кашкавал и миризлива сол по вкус, малку путер.
РЕЦЕПТ 2 (основен, за тепсија 28-30 см): 500 г брашно, 1/2 кесичка сув квасец, 1 мала лажичка сол, околу 300 мл млака вода. ЗА ЖОЛТО ТЕСТО: 500 г пченкарно брашно, 1/2 кесичка квасец, 1 мала лажичка сол, 100 мл масло, 1 јајце, околу 500 мл млака вода
ПОСТАПКА – РЕЦЕПТ 1: Во подлабок сад истурете го брашното, направете вдлабнување и во него ставете го квасецот и шеќерот, додајте масло и јогурт на собна температура, а околу наросете ја солта. Со постепено додавање на млаката вода замесете меко и еластично тесто кое не се лепи на рака.
Тестото покријте го и оставете го да одмори 10-тина минути, а за тоа време пригответе го жолтото тесто кое всушност треба да биде густа каша (не се меси со рака). Сите состојки кои отстојале на собна температура ставете ги во еден подлабок сад, па додајте ја младата вода и изедначете. Кога ќе добиете хомогена смеса без грутчиња, погуста од онаа за палачинки, покријте ја и оставете да одмора.
Калап бр.26 намастете го со путер или маргарин. Белото тесто поделете го на 4 или 6 еднакви делови кои се обликуваат во топчиња. Од првото тесто се развлекува кора со големина на тепсијата, се става на дното и со кујнска четка се премачкува преку целата површина.
Преку кората со помош на лажица се нанесува жолтата смеса (ако белото тесто сте го поделиле на 6 топчиња, тогаш одокативно подолете ја жолтата смеса на 6 делови. Преку жолтата смеса ставате кора и постапката ја повторувате до крај. Доколку сакате да ста вите фил, тоа можете да го правите после секоја кора, или некаде на средината од питата.
Питата се завршува со жолта смеса, одозгора се накапува малку масло и се ставаат на неколку места мали парченца путер/маргарин, се покрива и топеницата се остава да стасува 15-20 минути. За тоа време вклучете ја рерната да се загрева на 200 степени. Питата се пече 15-тина минути, па се намалува на 170 степени и се пече уште 20-25 минути. Постапката за вториот рецепт:
ПОСТАПКА – РЕЦЕПТ 2: Замесете тесто од наведените состојки исто како за леб, па оставете да стасува додека да се удвои. Истото сторете го и со второто тесто од кое треба да добиете густа каша, па и него оставете го да ферментира. Од белото тесто формирајте 4 топчиња и развлечете 4 кори со големина тепсијата.
Тепсијата намастете ја, ставете ја првата кора, намастете ја и неа, полијте ја со жолтата смеса и одозгора по желба наросете сирење. Продолжете ја постапката додека да ви се потрошат корите и смесата. Оставете ја малку да стаса, одозгора намастете ја (може и да ја исечете), па ставете да се испече во загреана рерна на 200-180 степени додека да зарумени.